×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Вечерва во 22.48 часот во Куманово и на северната хемисфера календарски ќе пристигне зимата

    21.12.2022 21:03 | KumanovoNews

    Вечерва, на 21 декември, среда, на 355-иот ден во годината според грегоријанскиот календар, во Македонија, во Куманово и на целата северна хемисфера, календарски ќе започне зимата, додека на јужната ќе настапи летото. До крајот на оваа 2022 година остануваат уште само 10 дена.

    Вечерва во 22.48 часот во Куманово и на северната хемисфера календарски ќе пристигне зимата

    Зимата на северната хемисфера вечерва официјално ќе пристигне во 22 часот и 48 минути по средноевропско време и ќе трае до 20 март 2023 година до 22 часот и 24 минути, кога кај нас ќе започне пролетта. Должината на зимата ќе трае 89 дена, 21 часа и 12 минути.  

    Секоја година, планетата Земја движејќи се на својот пат околу Сонцето ќе се најде и ќе помине во две точки кои се нарекуваат солстициум. Постојат два солстициума. Едниот е во месецот декември (зимски),  а другиот во јуни (летен) и ги означуваат почетоците на годишните времиња зима и лето. На овој датум (21 декември), денешниот зимски солстициум, кога кај нас започнува годишното време зима, го означува најкраткиот ден северно од екваторот, а најдолг ден јужно од нултиот напоредник. Овој ефект е најголем на локации кои се оддалечени од екваторот. Во тропските предели најкраток ден е нешто помалку од 12 часа, во умерените појаси е значително пократок, а местата во Арктичкиот круг доживуваат поларна ноќ, кога Сонцето воопшто не изгрева.  Спротивно на тоа, ноќта кај нас е најдолга. На 21 декември пладневното Сонце е на својата најниска позиција на хоризонтот и ќе започнува да се искачува до наредниот 21 јуни, кога на северната хемисфера тогаш ќе настапи летото.

    Утрово, Сонцето во Куманово изгреа во 06 часот и 58 минути, а зајде во 16 часот и 04 минути. Денот траеше 09 часа и 06 минути, додека ноќта 14 часа и 54 минути.

    Веќе од утре, денот ќе започне да се зголемува континуирано за во просек по две-три минути на ден, а на сметка на тоа, ноќите да се скратуваат – сé до 21 јуни наредната година.  

    Растојанието на Земјата од Сонцето на денешен ден изнесува околу 147, 176 милиони км.

    И пред крај уште нешто интересно да напоменеме за нашиот град Куманово во врска со зимата – апсолутна минимална температура во нашиот град е измерена на 27.01.1954 година, кога тогаш е измерен апсолутен минимум од -24 0C.

    Што се однесува до снежната покривка, на 2 февруари 1962 година во Куманово се измерени 70 cm снежна покривка, додека пак најдолго непрекинато траење на снежна покривка во Куманово траело 77 дена ( од 21 декември 1953 – до 7 март 1954 година).

    И за крај, да споделиме некои убави и интересни цитати за зимата.

    -„Зимата е како жена – има добри и лоши страни. Можете да ги видите  нејзините      добри страни и да ги почувствувате нејзините лоши страни. " Ѓорѓе Балашевиќ

     

    Извор:

    https://www.timeanddate.com/

    А. Лазаревски – Клима на Македонија, Скопје, 1993.

    Извор на фотографија: mia.mk

    Филип Ѓошевски – дипломиран географ на Институт за географија - ПМФ