Владата даде согласност вишокот на средства за блок дотации да се искористат за реконструкција и набавка на опрема во училиштата

28.05.2021 - 09:01

Средствата од блок дотации кои државата ги дава на општината за покривање на режиските трошоци и превоз на учениците, кои оваа година останаа неискористени поради корона кризата и онлајн наставата, ќе се употребат за подобрување на просторните и технички капацитети во основните и средни училишта во Куманово.

Владата даде согласност вишокот на средства за блок дотации да се искористат за реконструкција и набавка на опрема во училиштата

Владата на вчерашната седница даде согласност за префрлање на вишокот на средства за блок дотации на сметката на Општина Куманово.

„Средствата ќе се користат за изградба и реконструкција на мини детски игралишта и училишни игралишта, како и за санација и реконструкција на санитарни јазли и тоалети, санација на кровови, набавка на дигитална опрема и помошно-технички помагала за кабинетска настава и адаптација на кабинети во основни училишта на територијата на Општина Куманово“, соопштуваат од Владата.

Овие одлуки се носат врз основа на член 22 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, за користење на вишокот средства од сметките за блок дотации од Буџетот на државата, на барање на општините.

(С.Н.)


2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk