Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарското игралиште во Соколана, кое неодамна беше реконструирамо е затрпано со смет, а тартан подлогата е извалкана со кал.
Покрај поставените канти за смет има остатоци од прехрамбена амбалажа, пластични шишиња и чаши, кутии од цигари, хартија и салфетки. Подлогата е замачкана со кал и земја која ја носи водата од околните патеки, или доднесена на обувките на оние кои тренираат.
Покрај играчиштето минува патека која води до Техничкото училиште „Наце Буѓони“, па тука секојдневно минуваат средношколци, но и спортисти кои ја користат атлетската стаза како и граѓани кои ги шетаат децата или внучињата.
Игралиштето не е предадено на користење на ЈП „Куманово- паркинг“, и се уште е под општинска надлежност. Но, одговорните сметаат дека одржувањето не е прашање на ингеренции , туку на општа култура и домашно воспитание на граѓаните.
„Не е проблем под чија надлежност е некој терен или објект, тоа е бреме, без разлика дали се во прашање општинските служби или некое јавно претпријатие. Го реконструиравме и направивме, треба да го одржуваме, но невозможно е 24 часа дневно, седум дена во неделата да проверуваме во каква состојба е“, истакна Момчило Јовановски од Секторот за комунални работи.
Од директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ беше дадено ветување дека набргу ќе бидат пратени екипи и ќе се санира и среди состојбата.
„Не е во наша надлежност, но ќе се испратат екипи и ќе се исчисти и среди. Се повторува она „кога е сечие е ничие“, и не се води сметка за јавното добро. Повторно апелирам да се запази комуналниот ред и хигиена за општо добро на сите граѓани“, изјави Стојчевски.
Реконструкцијата на кошаркарскиот терен во комплексот Соколана беше завршена во втората половина на февруари. Интервенцијата подразбира нова асфалтна подлога, нова тартан подлога, нова ограда, комплетно нови кошеви, влучувајќи ја и металната конструкција и таблите.