Во Крива Паланка се гради првата монтажна гаража со 166 паркинг места
Во Крива Паланка интензивно се работи на изградба на првата монтажна катна гаража, која ќе обезбеди нови 166 паркинг места.

Проектот за градба на првата фаза од модуларната катна гаража е со вкупна вредност од 65 милиони денари со ДДВ.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денес изврши увид во градежните активности на терен каде што веќе се гледа напредната фаза на реализација на проектот, што ќе донесе урбана слика во централниот градски реон и функционалност на оваа локација, на која градот истовремено ќе добие и покриен зелен пазар, со соодветна организација на просторот.
„Оваа капитална инвестиција е прво јавно паркиралиште од овој тип во градот, со кое ќе стопанисува ЈП „Калин Камен“, и ќе претставува сигурно место за паркирање со достапност на паркинг места за потребите на граѓаните. Општината останува посветена на решавањето на горливиот проблем со недостиг од паркинг места и работи на подобрување на условите за живот на сите граѓани“, посочи градоначалникот.