Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општинската изборна комисија (ОИК) денеска ги додели уверенијата за мандатите на градоначалникот Максим Димитриевски и 33 советници во Советот на Општина Куманово.
Свеченоста се одржа во Занаетчискиот дом, а решенијата им ги врачи претседателката на ОИК Бранкица Димковиќ.
„Ве повикувам функцијата градоначалник и советник да ја извршувате согласно законот, совесно и одговорно со почитување на Уставот, законите и прописите при вршење на вашите права и должности“, рече Димковиќ.
Градоначалниот Димитриевски во своето обраќање ги повика советниците да работат заедно во интерес на граѓаните, без разлика на политичката или било која друга определеност.
„Очекувам дека без разлика на политичка или било која друга определеност ќе имаме успешна работа во следните четири години, бидејќи наша заедничка цел е да работиме во интерес на граѓаните и на градот“, рече Димитриевски.
Советот на Општина Куманово брои 33 советници. Во новиот Совет најбројни се советниците на коалицијата на СДСМ - 10, независната листа „За наше Куманово“ - 8, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ - 7, ДУИ - 4, Алијанска на Албанците и Алтернатива двајца и Левица и БЕСА по еден советник.