Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во спортската сала на средното училиште „Перо Наков“, каде се изведува настава на албански јазик, во кругот на поранешната касарна во населбата Бедиње, ќе се одвива масовна имунизација против ковид-19 на населението од Североисточниот регион.
На овој пункт ќе се вакцинираат граѓаните од општините Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Кратово и Ранковце, кои се пријавиле на сајтот „вакцинација.мк“ и им стигнала смс порака или е-маил со термин за вакцинација.
„Денеска добивме 4200 дози од кинеската вакцина. Масовната вакцинација стартува во 10 часот и имаме закажано над 600 термини. Наредните денови вакцинацијата ќе почува од 8 и ќе трае до 19.30 часот, дневно ќе има околу 1000 термини. Вакцинацијата ќе се врши на 6 пунктови и ќе бидат запазени сите протоколи“, - изјави за Кумановоњуз д-р Снежана Јовановска, раководител на Одделението за вакцинација во Здравствен дом Куманово.
Таа ги информира граѓаните дека вакцинацијата ќе се одвива во спортската сала во училиштето „Перо Наков“ во населбата Бедиње, а не во центарлното училиште кај Градските базени, бидејќи тоа не било прецизирано во пораките, па дел од граѓаните биле збунети и не знаеле за која локација точно се работи.
Во масовната имунизација ќе се вклучат и волонтерите од општинската организација на Црвен крст Куманово. Тие во две смени ќе пружаат логистичка помош и поддршка на луѓето и медицинскиот персонал за непречено спроведување на целиот процес на масовната имунизација.
Куманово е еден од шесте регионални центри во Македонија каде ќе се врши масовната имунизација, покрај Скопје, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола.
(С.Н.)