Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Здружението на одделенски наставници „Учител“ со низа активности го одбележа 5 Октомври - Светскиот ден на учителот. Во Куманово и во другите градови во земјата се одржаа литературни и ликовни работилници во училиштата, поетски читања во библиотеките, посети на општините, како и индивуални активности во секое одделение.
„Ние сме следбеници на духот и труд Климентовски, свесно определни да ја шириме писменоста и да го пренесуваме знаењето, убавините на нашата традиција, мелос на нашиот јазик како и ризница на духовни вредности собирани од памтивек. Ние сме и ќе бидеме оние што родителски се грижат каде и во каква иднина ќе ги испратат нашите деца, своите ученици, своите следбеници “, изјави Душица Јакимовска, во своето обраќање пред колегите, директорите, претставниците од Општина Куманово, децата и родителите, на прославата во основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци”.
Денот на учителот се совпадна со одбележување на Детската недела, поради што во активностите се вклучени и децата.
Во просториите на училиштата „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци” се организираше ликовна работилница за децата од 1 до 3 одделение, кои изработуваа честитики за учителките и омилените наставници. Подоцна на детскиот оддел во Библиотеката „Тане Георегиевски“ петтооделенците учествуваа на литературен натпревар. Најдобрите ученици се наградени со книги обезбедени од Библиотеката „Тане Георгиевски“. Четвртоодделенците имаа рецитал со песнички поврзани со учителот, школото, нивната детска безгрижност и играта.
Организаторот на денешната прослава беше Здружението на одделенски наставници (ЗОН) „Учител“ , младо здружение формирано пред само една ипол година, но има огромна поддршка од просветните работници.
„Во општинската организација досега имаме околу 100 членови. Има голема заинтересираност меѓу сите едукатори, наставници, но се уште сме ограничени со простор. Здружението е формирано за давање на професионална помош и разрешување на дилеми токму на учителите. Сите нови програми почнуваат со нас, па за таа цел постојано се организираат вебинари, семинари, доедукации, соработка со други образовни институции, како на пример склучениот меморандум за соработка со Педагошкиот факултет од Штип“, истакна Јакимовска.
Здружението е единствено во земјава и неговите основачи се надеваат дека со нивната професионалност, труд и ангажираност ќе успејат да го изградат, подобрат и вратат авторитетот на учителот како значаен субјект во општеството.