Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ во Куманово, денеска се одбележа 80-годишнината од 11 Октомври – Денот на народното востание, почетокот на Народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава. Свежо цвеќе положија делегации од Сојузот на борците, локалната самоуправа, Владата, претседателот, Собранието, АРМ, МВР, институции, учиишта, политички партии и граѓани.
Пред присутните се обрати градоначалникот Максим Димитриевски.
„За Македонија и за Куманово 11 октомври 1941 е ден што донесе движење за слобода на државата. И токму денес повеќе од кога било порано важно е да не заборавиме дека Македонците заедно со Србите, Албанците, Турците, Ромите, Власите се бореа против бугарскиот, германскиот и италијанскиот фашистички окупатор. Денес од кога било порано е важно да ги знаеме нашите корени, нашите битки, нашата историја, затоа што таа историја е корен на нашиот идентитет. Денес од кога било порано е важно да знаеме дека македонскиот идентитет не е и не смее да биде предмет на договори. Идентитетот не се брише со гума, не се менува, тој останува. Ние политичарите сме менлива категорија, а народот е тој истиот“, кажа Димитриевски.
„Ако некој сака да избрише дека сме се бореле против бугарскиот фашистички окупатор, тој тогаш историјата или не ја смета за своја, или има некаков друг проблем, рече Димитриевки продолжи:
„Јас имам проблем бидејќи никој од Бугарија досега не се извинил за злоделата што ги направиле во Македонија, по примерот на Германија и нивните канцелари Брант и Меркел, туку се обидуваат да ги избришат од историјата. Е па тоа не може да се случи! Не смееме да дозволиме тоа да се случи! Заради нашите предци, заради нашите поколенија. Мора да постојат црвени линии, кои не смееме да ги поминеме и мора да порачаме дека секој оној што сака да го стори тоа народот ќе го казни“.