Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Над 250 првачиња од 16 општински училишта, како и 20 - тина деца од големите групи на детската градинка „Ангел Шајче“, денеска присуствуваа на прославата по повод Неделата на детето и Светскиот ден на учителот, која се одржа во салата на Комитет.
Детската недела традиционално се одбележува секоја прва недела во месец октомври во целиот свет со пригодни активности. Годинава случајно се совпаднала и со 5 октомври - Светскиот ден на учителот.
Градоначалникот Димитриевски им посака многу успех, здравје и среќа на децата, но и на наставниот кадар вклучен во воспитно-образовниот процес, воедно потсетувајќи дека се почнува од домот и семејството.
„Потребно е многу повеќе домашно воспитување, не само формално образование. Ние како родители треба да ја исполнуваме основната обврска и да се посветиме на нашите деца. Да ги оставиме на страна трендовите на современото општество, бидејќи семејството е на прво место.
Образованието почнува токму од домот, да се грижиме едни за други и секако да се заблагодариме на воспитно- образовниот кадар, на учителите, бидејќи тие ја оставаат најдлабоката трага во нашиот раст и развој и се составен дел на нашето секојдневно образование и едукација“, истакна Димитриевски.
Присутните проследија пригодна куса програма, со лични литературни творби на ученици и тоа на на македонски, албански, српски и ромски јазик.
„Учениците доаѓаат од Кочо Рацин ,Толи Зордумис,Христијан Карпош и Браќа Рибар од село Табановце. Воедно, тие има шанса и да му постават прашања на градоначалникот за работи што ги интересраат“, изјави Анита Димовска, претседтаелка на Здружението на просветни работници Куманово.
Надлежните посакаа Куманово да се гради и развива, истовремено создавајќи многу поперспективна и побогата младина, исполнета со знаења и вештини кои ќе ги применуваат за доброто на нашиот град и нашата држава.
Настанот беше организиран од Здружението на просветни работници и Сектор за образование на Општина Куманово.