Во Куманово отворена етно одаја

15.01.2021 - 15:58

 Регионалната занаетчиска комора со поддршка на Министерството за економија отвори етно одаја во Куманово.

Во Куманово отворена етно одаја

Во неа се поставени експонати од носии и предмети кои ги произведувале кумановските занаетчии, а ќе бидат изложени во наредните три месеци. Воедно во овие простории ќе се наоѓа и канцелатијата на регионалната комора.

„Преку оваа етно одаја сакаме да се потсетиме на нашите стари занаети, но и да покажеме со што се соочувале нашите предци низ времето, додека развивале разни занаети и работеле во нивните работилници. Делата на занаетчиите говорат и после многу години, децении и векови, затоа што оставиле трајни белези и обележја, цркви, манастири, џамии кои денес се културни споменици и наша историска вредност и гордост. Впрочем во нашето Куманово се гордееме со Занаетчискиот дом, за кој работеле ангарија односно волонтерски сите тогашни занаетчии“, - изјави Агрон Фазли, претседател на Занаетчиската комора.  

Тој додаде дека во изминатата година се соочиле со големи проблеми, но со помошта што им ја обезбедила Владата успејале дел од нив да надминат и се надеваат дека оваа година ќе биде поуспешна.

Организаторите се заблагодарија на поддршката на Општината и се надеваат дека таа ќе продолжи и во наредниот период. Денеска беше потпишан и меморандум за соработка.

Секретарот на Општина Куманово Александар Гелевски, вели дека локалната власт ја поддржува занаетчиската заедница со тоа што секоја година избира сувенир на градот, со кој ја промовира традицијата и културата и обичаите на своите предци.

(С.Н.)

Во Куманово отворена етно одаја


2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk