Во Куманово поставени 8.000 електронски водомери со далечинско читање
Јавното претпријатие „Водовод“ постави 8.000 електронски водомери со далечинско читање, во градското подрачје, a набави и инструменти (геокорелатори и геофонори) наменети за откривање на подземни дефекти.

Според директорот Горан Стојковски, во наредниот период ќе се постават уште 2.000 електронски водомери и со тоа ќе заврши проектот за замена на 10.000 стари водомери, кој започна минатата година, со вредност од 1,8 милиони евра обезбедени преку ИПА фондовите. На територијата на Куманово има вкупно 30.000 мерачи на проток на вода во домаќинствата и правните субјекти.
Новите водомери ќе ја зголемат ефикасноста, а даваат поточни и поредновни мерења.
- Имаме буквално дупла ефикасност. Најпрво, нашите инкасатори нема да влегуваат во домовите доколку живеете во стан и да ја нарушуваат приватноста на граѓаните. Читањето ќе се избршува од пред зградата. Понатаму, мерењата се поточни и поредовни бидејќи се исклучува и човековата грешка, а и поисправни се затоа што согласно со Законот водомерот треба да се менува на секои 5 години, но кај нас тоа не се прави. Сега рокот на употреба е 15 години и се добиваат поисправни податоци, со што сме многу поефикасни во нашата работа,- вели Стојковски, директорот на ЈП „Водовод“ од Куманово.
Воедно, како што појаснува директорот, ефикасноста на електронскиот водомер е и во тоа што може да се забележи доколку во домаќинството се случило некој проблем и има 24 часовно течење на вода.
-Уште еден детал кој не треба да се занемари кај овие водомери е и тоа што ако има 24 саати течење на вода, кое не би требало да се случи, на нас водомерот ни сигнализира и ние праќаме луѓе на самото место, коишто доаѓаат кај сопствениците и им кажуваат дека имаат дефект за да се прееземат мерки за решавање. Но, доколку луѓето се постари или пак не можат да преземат мерки тогаш нашите луѓе реагираат на лице место,- додава директорот.
Во наредниот период од ЈП „Водовод“, имаат подготвена техничка документација за да аплицираат на меѓународни фондови за уште 20.000 вакви водомери, со што територијата на Куманово целосно ќе биде обезбедена со нови електронски водомери.