Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Куманово се градат многу повеќе стамбени објекти споредбено со претходните две години и покрај тоа што оваа година економски е понестабилна поради коронакризата.
Од почетокот на годината Општина Куманово има издадено околу 110 одобренија за градба, а некои од нив се во постапка на завршување, додека во 2019 имало 87 оддобренија, а во 2018 само 36.
По основ на комуналии оваа година Општината собрала 145.644.642 денари, минатата година биле уплатени 38.774.376 денари, а во 2018 само 29.030.913 денари.
Од Секторот за урбанизам во Општина Куманово велат дека и доколку од сумата се иземе одобрението издадено за големиот трговски центар кај „Први мај“, сепак сумата за 2020 во однос на уплатени комуналии за градба е поголема од претходните години. Оттаму велат дека голем дел од издадените одобренијата се и за домување во семејни куќи.
„Може да кажеме дека изградбата во Куманово видно е зголемена, тоа можеме да го видиме од финансиските резултати, во однос на средствата уплатени на комуналии, врз основа на издадени одобренија за градење. Во 2020 година без капиталниот објект кај „Први мај“ сепак се 59.644.642. Ова е доста позитивно бидејќи 2020 година е година на пандемија. Се зголемува бројот на легални градби, меѓутоа можеби и луѓето во време на пандемија одлучуваат парите да ги вложат во некоја недвижнина“, вели Емилија Сларидис Јаневска, раководител на Секторот за урбанизам во Општина Куманово.
Воедно, од Секторот за урбанизам додаваат и дека оваа година, Општина Куманово, има издадено и осум одобренија за изградба на згради. Две треба да се изградат кај старо трафо, две зад бензинската пумпа на Мак-петрол, една на „Моша Пијаде“, една зад стар отпад и две на ул. „АВНОЈ“ во „Гоце Делчев“.
(Ф.М.)