Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Вработените во културните институции од утре почнуваат со протести кои нема да запрат до исплаќањето на платата за месец март усогласена со колективните договори.
„Платата за март во културата не е исплатена. Сите законски рокови се пробиени и три илјади вработени во културата уште немаат земено плата“, велат културните работници.
Денеска Советот на Синдикат за образование, наука и култура на вонредна седница едногласно одлучил во понеделник да се организира протест на вработените од културните институции. Протестот е закажан за 11 часот пред Министерството за култура, а ќе биде поддржан и до останатите гранкови синдикати.
Како основна причина е наведена неисплаќањето на платата за месец март 2024 година.
„Неисплаќањето на платите на вработените во институциите кои извршуваат културна дејност е она што го предизвика незадоволството на нашите членови и реакцијата на синдикатот. Североисточниот регион има 3 илјади членови, во тритте гранкови синдикати- образование, детска заштита и култура и сите застануваме зад барањата на колегите. Преставници од сите установи и институции ќе се придружат и ќе го поддржат протестот на работниците од културата“, истакна Цветанка Митевска, претседателка на огранокот на Североисточен регион на СОНК.
Донесена е одлука и за отпочнување со процедура и организација за Генерален штрајк во сите установи од дејноста култура.
Доцнење со исплата на личните доходи значи и прекин на здравствено осигурување на работниците. Синдикатот на културни работници реагира и затоа што нема да има зголемување на плата од 12 посто, согласно Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Советот на СОНК изрази огромна разочараност од едностраното прекинување на социјалниот дијалог од страна на Министерството за култура.