Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Централното одбележување на големиот христијански празник Велигден ќе биде во храмот „Св.Никола“ во Куманово, а со литургиите ќе чиноначалствува владиката Григориј. Празнично ќе биде во сите останати цркви во градот и селата.
Во пресрет на празникот веќе се интензивираат подготовките, кои симболично ги означуваат Христовото страдање и воскрсение.
„Во четврток на сабајле ќе има Василиева литургија, додека во 16 часот ќе се читаат 12 страдални евангелија, во кои читаме за страдањата Христови по што се изнесува Распетието. Во петок наутро ќе има царски часови кога се опеваат Христовите страдања. Тогаш ќе биде изнесена и плаштеницата, која го симболизира гробот Христов под која се протнуваме за благослов. На Велика сабота ќе има литургија, но централниот настан се одбележува ноќта меѓу сабота и недела со почеток во 23.30 часот кога на полноќ се прогласува Воскреснието и започнува прославата на најсветлиот христијански празник“, изјави свештеникот Игор Крстев.
Тој вели дека верниците масовно доаѓаат во божјиот храм да се помолат, исповедаат и да се покајат за што порадосни да го пречекаат Христовото Воскресение.
Оние кои постеле изминатите 7 недели причесна можат да земаат по литургиите во четврток и сабота наутро, и по завршувањето на обредот во ноќта меѓу сабота и недела.
Сите храмови во кумановско-осоговската епархија ќе бидат отворени во наредните денови и во нив ќе се изведуваат литургии.
Времето на литургиите јавно се истакнати на вратите на храмовите и сите верници кои поминуваат во црквата навремено можат да се информираат кога ќе се одржат.