Во угостителски објекти и молови само со потврда за вакцина

18.08.2021 11:33 | Сузана Николиќ

За влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители, како и за настан од секаков вид прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина, задолжително е поседување,  сертификат за примени две дози од вакцина против ковид-19 и потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, одлучи Владата.

Во угостителски објекти и молови само со потврда за вакцина

Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе, како и за влез во затворениот дел од моловите.

Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители/гости/лица, задолжителнo e воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на КОВИД - 19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.

Овие мерки стапуваат на сила по нивното објавување во „Службен весник“, односно од денеска 18 август 2021 година.

Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани  на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните ковид - 19 документи.

 

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk