Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
ЈП „Водовод“ доби согланост од Советот на Општина Куманово за 30 нови вработување во 2023 година преку агенција за привремени вработувања, а има итна потреба од само тројца работници - двајца каналџии и еден бравар.
Директорот на претпријатието Оливер Стојмановски, барањето го оправдува со постојанoто заминување на работници, главно од техничко-оперативниот сектор, кои наоѓаат подобро платена работа или одат во странство.
„Секој месец има одлив на помошно-технички персонал и даватели на услуги. Реална потреба се шест каналџии, а имаме само тројца. Кога сега би ангажирале уште двајца, ако воопшто ги најдеме ќе имаме четворица, двајца помалку од она што ни е неопходно. И доколку работниците работат само еден или два месеца јас повторно би требало да дојдам со исто барање за двајца такви работници. Не бараме дополнителен број на работници, туку ни треба замена на оние што заминуваат“, објасни Стојмановски.
Тој вели дека доколку поднесуваат поединачни барања за новите вработувања, треба постапката пред Управен одбор и одлуките на Совет на Општина Куманово постојано да се повторуваат.
„Ова е обид да се заобиколат административните процедури и да се забрза постапката за ангажирање на работници, особено важно на почетокот на сеозната за извршување на закажаните водоводно - канализациски зафати“, додаде директорот.
Опозицијата потсети дека претпријатието е едно од најголемите загубари, не само во општината туку и на национално ниво.
„Зошто луѓето не се ангажираат на определен период од 3 месеци, место да се дава плата преку агенција за привремени вработувања. Општо познато е дека работите со загуби. Сега велите дека ви требаат 4 или 5 луѓе. Апсурдно е на оваа криза да се вработуваат 30 души, додека реално се потребни многу помалку“, изјави советничката Сузана Манчиќ Спасиќ.
Советниците имаа забелешки за тоа што не е јасно прецизирано за какви работни места се работи, какви кадри конкретно му се потребни на претпријатието.
„Врз кои критериуми одлучувате дека ви е потребен толкав број на работници, а во моментов немате квалификациона структура на работници кои сакате да ги ангажирате. Немате реална процена за она што ви е потребно. Не ли е пологично да барате вработување по конкретно определен профил“, праша советникот Миле Андоновски.
На седницата на Советот од 27 декември 2022 веќе е дадена согласност за вработување на 37 работници на определено време во ЈП „Водовод“. Одлуката е објавена во Службен гласник бр.16 за минатата година на официјалниот сајт на општината.