×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Волонтери на Црвен крст делеа вода и совети за заштита од жештините

    11.07.2024 11:56 | Оливера Пешевска

    На Градскиот плоштад во Куманово утринава волонтери на Црвен крст делеа на вода, мереа крвен притисок и шеќер во крвта на минувачите, а им даваат совети како да се заштитат од топлотниот бран.

    Волонтери на Црвен крст делеа вода и совети за заштита од жештините

    „Поделивме 10 пакети на вода, што значи 120 полалитарски шишенца. Имаме искуство, вакви акции редовно спроведуваме. Петмина волонтери излеговме на терен нешто пред 10 часот, а на минувачите кои ги затековме им ги повториме препораките за заштита од топлотен удар, на заинтересираните повозрасни сограѓани им измериме притисок и шеќер во крвта. Ваквите активности продолжуваат до крајот на месецот, имаме закажани уште неколку во соработка со СВР Куманово“, изјави Филип Кузмановски, од општинската организација на Црвен Крст.

    Од организацијата препорачуваат ранливите категории-бремените жени и постарите од 60 години, хронично болните од кардиоваскуларни, невролошки и белодробни заболувања да преземаат екстра мерки, и да не излегуваат без неодложна потреба од свежи и климатизирани простории. Апелираат до помладите да обратат особено внимание на нивните блиски ако им е потребна дополнителна грижа и надгледување.

    Акцијата ќе продолжи наредната недела во соработка со Отсекот за превенција на СВР Куманово кога ќе имаат и показни вежби на Градскиот плоштад за пружање на прва помош на лица кои ќе доживеат топлотен удар. Вакви исти демонстрации на чекорите на итна помош се закажани и на 23 јули на локацијата Кошеви, во Трговскиот центар во Куманово и на 29 јули во Липково.

    „И на наредните закажани активности повторно ќе се дели вода, ќе се објаснуваат симптомите на топлотен удар, што да се преземе во случај на влошување на состојбата и кога неодложно да се побара лекарска помош“, истакнува Кузмановски.

    Следува период на многу топло време со дневна температура која насекаде ќе биде над 30, а наместа ќе достигнува 40 степени. Најновиот топлотен бран ќе се засилува кон крајот на неделата, а во урбаните средини се очекува температурите во текот на ноќта да не се спуштаат под 20-тиот степен. Од четврток до средината на следната седмица на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури, велат прогнозите на Управата за хидро- метеоролошки работи.