Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во текот на вчерашниот ден волонтери на Општинска организација на Црвен крст Куманово во централното градско подрачје поделија 360 шишиња минерална, негазирана вода на сограѓаните - случајни минувачи.
Со акцијата се приклучија на препораките за помош на граѓаните кои се движат на отворено, откако земјата се наоѓа во алармантната портокалова, метео фаза.
„Спроведовме низа активности за заштита на населението од топлотниот бран. На Градскиот плоштад и централното градско подрачје на населението им се делеше флаширана вода, вкупно беа поделени 360 мали шишиња. Целта на акцијата е да се дадат препораки за ублажување и заштита на населението од топлотен бран, како да постапуваат при високи температури, и да се укажат последиците кои можат да влијаат на нивното здравје“, изјави Филип Кузмановски,од локалниот Црвен крст.
Акциите започнале и пред покачувањето на температурите. На 7 јули на плоштадот имало Штанд со лимонада кој ја имал истата намена да се информира и потсети населението како да постапува во време на големо покачување на температурите, како да се заштити и ублажи ударот на топлотниот бран.
„Акциите продолжуваат и во наредните денови. Повторно ќе се дели вода, ќе се објаснуваат симптомите на топлотен удар, што да се преземе во случај на влошување на состојбата и кога неодложно да се побара лекарска помош“, истакнува Кузмановски.
Тој препорачува ранливите категории-бремените жени и постарите од 60 години, хронично болните од кардиоваскуларни, невролошки и белодробни заболувања да преземаат екстра мерки, и да не излегуваат без неодложна потреба од свежи и климатизирани простории. И до помладите да обратат особено внимание на сениорите на кои во периодот можеби ќе им е потребна дополнителна грижа и надгледување.