Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Предизвиците со финансирањето на противпожарните единици и формирање на комунална полиција, беа дел од барањата за кои се расправаше на седницата на генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), што се одржа во Скопје.
„Најголемиот број општини не го исполнуваат законски утврдениот број на пожарникари, а опремата е стара и несоодветна за обезбедување на квалитетна услуга. По доставувањето на иницијативата од ЗЕЛС до Парламентот и разговорите со министерот за финансии успеавме во ребалансот на буџетот на обезбедиме дополнителни 60 милиони денари со наменски дотации за оваа надлежност, а добивме и ветувања дека ќе се обезбедат согласности за дополнителни вработувања на пожарникарите“, изјави Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС.
Заложбата на ЗЕЛС за воведување на комунална полиција ќе биде еден од приоритетите за следниот период.
„Целта на донесување на ваков пропис, кој до сега не е донесен во нашето законодавство, е да се утврди правото на локалната самоуправа да изрекува мерки и да презема активности за почитување на комуналниот ред, јавната хигиена, заштитата на зеленилото, водите, јавните површини, загадувањето на воздухот и почвата, одлагање на отпадот, одржување и безбедност на настаните од локално значење, заштита на имотот и објектите во сопственост на единиците на локалната самоуправа и имотот и објектите на установите основани од локалната власт, и друго“, додаде Ѓорѓиевски.
Тој особено потенцираше дека и понатаму приоритет на ЗЕЛС останува спроведувањето на реформи во системот на локална власт, обезбедување на финансиска стабилност на единиците на локална самоуправа и продлабочување на процесот на децентрализација на власта во земјата.