Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Вработените во Центар за социјални работи (ЦСР) Куманово излегоа на краток протест за да изразат револт и загриженост за сопствената безбедност и животи на работните места.
Повод беше обидот за убиство на нивната колешка од Прилеп, кој се случи завчера. На протестот присуствувале речиси сите членови на синдикатот од ЦСР Куманово, а ги повториле нивните барања, кои се утврдени и на државно ниво.
„Сите колеги кои беа во своите канцеларии присуствуваа на протестот, но имаме поддршка и од оние кои се на годишен одмор, боледување или на терен извршувајќи работни задачи. Сочувствуваме со застреланата колешка од Прилеп, затоа и ги потенцираме барањата, институциите би требало да застаната зад нас и да не заштитат“, истакна Даниела Димитриевиќ, претседателка на локалниот огранок на УПОЗ.
Тие бараат итни мерки за законска заштита, со одредби кои на работното место ќе имаат статус на службени лица, задолжително физичко обезбедување во сите ЦСР во државата, психосоцијална поддршка за сите вработени кои биле изложени на насилство на работното место, унапредување на работните услови, што би значело и зголемување на платите без условување да зависат од минат труд на поединецот и построги санкции за насилниците, итно процесирање и санкционорање на истите.
Зад нивните барања стои синдикалната организација-УПОЗ , но и Здружението на социјални работници на Македонија. Барањата се испратени до надлежните во Министерството за социјална политика, демографија и млади. На вакви кратки протести излегле и нивните колеги од сите поголеми градови во државата со исклучок на Скопје.