Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Вработените во Општа болница Куманово утре од 10 до 10.30 часот ќе приклучат на предупредувачкиот протест што го организираат Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Македонија, во сите јавните здравствени установи во земјава.
Од Синдикатот на Кумановската болница велат дека сите одделенија и амбулантите ќе работат непрекинато и за време на протестот.
„На своите работни места ќе остане по некој од вработените со што пациентите ќе бидат згрижени и ќе се трудиме работата да тече непречено. Останатите ќе излезат да го искажат својот револт и поради неодамнешните случувања со ФЗО и поради тоа што се уште не е потпишан Анексот на колективниот договор со кој требаше да се добие зголемување на платите, на што се чека од мај минатата година“, вели Сузана Атанасовска, претставник на Самостојниот репрезентативен синдикат и член на Советот.
Во Здравствен дом во Куманово нема најава за протест.
„Сега излегувам од состанок но, колку што ми е познато кај мене нема стигнато ништо од синдикатот и утре ќе си работиме тековно“, изјави директорот Фарук Алили.
Проблемот со хакерскиот напад на ФЗО е решен, и од вчера започна исплатата на платите на здравствените работници, додека потпишувањето на Анексот за зголемување на платите во јавниот сектор се чека десетина месеци, а по протестите лани им било ветено дека тоа ќе се направи во најкус можен рок.