×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Младиот пијанист Јован Станковиќ освои второ место на Меѓународен натпревар во Виена

    07.08.2024 14:45 | Оливера Пешевска

    Пијанистот Јован Станковиќ (14) од Куманово освоил второ место на Меѓународниот натпревар за млади музичари во Виена, Австрија.

    Младиот пијанист Јован Станковиќ освои второ место на Меѓународен натпревар во Виена

    Во силна конкуренција во финалето се натпреварувал со пијанисти од Сингапур, Мексико, Хрватска, Макао, Австралија, Хонг Конг, Бугарија, Филипини, Тајланд, Австрија, Украина, Унгарија, Грција, а  го оценувале врвни професори- музичари на престижни факултети од Германија, Италија и Австрија.

    Јован досега учествувал на многу натпревари и рецитали во земјава, регионот и странство, освоил многу пофалници, дипломи, медали и награди на бројни музички натпревари,но ова е еден од најзначајните успеси кои досега ги остварил.

    „Не се надевав на толку голем успех. Можеби очекував само пофалница, бидејќи имаше многу јака конкуренција, навистина многу подготвени музичари, особено од азиските земји. Но, ете успеав да се пласирам на второто место, што освен што беше големо изненадување и ми причини неизмерно задоволство“, објаснува младиот, надежен Јован.

    Натпреварот се одвивал во различни категории, соло пеење, виолина, пијано, ударачки инструменти. Јован настапил со композиција на Шопен, и вели дека имал минимална трема, бидејќи настапувал пред светската публика. По натпреварувачкиот дел и прогласувањето на најдобрите останал и настапил и во ревијалниот дел. Топ победнички изведби како единствен учесник од Европа. 

    Пријавувањето за овој натпревар се одвивало првин онлајн, во јануари испратил снимки од свои настапи во траење од 15-тина минути. Во тој дел имало пријавено 250 пијанисти од 52 земји. На финалниот концерт имало повеќе од триесетина учесници.

    За неговите родители и не е изненадување постигнатиот резултат, што ни малку не ја намалува гордоста што ја чувствуваат.

    „Вредно и предано вежба, по час, два 3 или 4 пати дневно. Секако голема заслуга има и професорот м-р Марко Митковски, со кои работеше последниве неколку години и м-р Весна Ангелова Христов од музичкиот училишен центар „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, која го запиша во нејзината класа за продолжување на музичкото образование, но и даде неколку завршни насоки кои помогнаа да се маѓепсаат судиите“, истакна Слаѓан Станковиќ - Битрак, татко на пијанистот.

    Со понатамошното школување ќе продолжи да се пријавува и учествува и на други меѓународни манифестации, а оние кои добро го познаваат не се сомневаат дека и понатаму ќе ниже успеси.

    Јован Станковиќ веќе ја одбрал животната професија и музиката е тоа со што ќе се занимава во иднина. Претпочита да стане концертен пијано- мајстор, но не ја исклучува и предагошката работа во иднина, работа кога тој би бил во позиција да дава насоки, совети на идните музичари.

    Во меѓувреме не намалува со интензитетот на вежбање, секојдневно по еден цел работен 8-часовен ден, но ќе се обиде и да се одмори во наредните неколку недели пред да тргне во нова средина каде ќе го продолжи своето школување.