Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во недела, со почеток во 12 часот, на Градскиот плоштад во Куманово, ќе се организира хуманитарна акција за собирање на играчки, новогодишни украси, едукативни детски игри,сликовници, боички, наменети за Детското одделение на Општа болница Куманово.
Ваква акција за прв пат се организира, а главен иницијатор е Ивана Максимовска. Идејата ѝ дошла кога требало да вклучи инфузија, но малечкото немала со што да го смири и анимира за да ја издржи инфузијата.
„Првин се обратив до лекарот и началникот на одделението,а потоа бев на разговор со директорката Снежана Захариева, каде ги прецизиравме насоките za акцијата, што ни е најнеопходно во моментов и начинот на кој да се спроведе. Со одобрение на надредените се зафатив на спроведување на првичната замисла на дело“, вели Максимовска.
Детското одделение има потреба од детски играчки, боенки, боички, сликовници, едукативни игри, а во пресрет на новогодишните празници добредојдени се и украси или сијалички. Некои од книжарите од градот веќе ветиле дека ќе донираат дел од потребните материјали,а на приватни правни лица им е понудено да учествуваат со финансиски донации. Парите би се искористиле за нови креветчиња, душеци и постелнина за одделението. Дечињата кои ја користат услугата на Детскиот логопед „Логолино“ веќе имаат собрано некои од играчките што ги прераснале и изработиле разнобоен хамер, за да го украсат ѕидот во болницата и да ги развеселат дечињата кои имаат потреба од претстој таму.
Максимовска се обратила и до локалната јавност преку социјалните мрежи и наишла на голема заинтересираност кај граѓаните.Тогаш станала свесна дека е невозможно да ги посети сите за да ги подигне работите кои ќе ги подготват и се спремни да ги донираат. Затоа, се одлучила акцијата да се спроведе на Градскиот плоштад,во недела и да ги покани сите да дојдат и да помогнат за што поуспешна акција.
Се надеваат на добар одѕив од граѓаните на Куманово и ги повикуваат да земат учество.