Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
До 2023 година водата за пиење во Куманово ќе поскапи за околу пет денари по кубик. Согласно усвоените тарифи на цените на водните услуги, водата за пиење во Куманово од наредната година ќе изнесува 30,55 денари по кубик, во 2022 ќе изнесува 32,85 денари, а во 2023 година, 34 денари.
Со 19 гласа за, 7 против и ниту еден воздржан, ова покачување денес беше изгласано на седницата на Општина Куманово.
Горан Стојковски, директорот на ЈП „Водовод“ во Куманово, рече дека одлуката за корекција на цената на водата ја донесува Регулаторната комисија, а дека Советот одлучува дали ќе се прифати или не.
„На секоја трета година Регулаторна комисија на Република Македонија донесува тарифа односно цена за вода. Тоа е иста онаа Регулаторна комисија која утврдува цена на струја, нафтата, цена на бензините, а ова е едно несреќно решение во кое таа иста комисија утврдува цена за вода, а согласност за ова цена треба да даде Совет на Општина Куманово, односно градоначалникот“, додаде тој.
Советникот Осама Мудини, потенцираше дека Општината не може да бара да се зголеми цената на водата за пиење за граѓаните кога веќе 30 години нема инвестирано во подобрување на системот за водоснабдување во Куманово, кој е стар 60-тина години.
„За мене ова е кражба што им се прави на граѓаните. И граѓаните треба да знаат дека за Општината ова е многу минимално, но за граѓаните е многу, бидејќи таксите за нив се зголемуваат речиси секој ден, за услугите коишто ги бараат општината не им враќа во никакви капитални инвестиции“, додаде Муадини.
Директорот Стојковски појасни дека мислењето на грашнаите на Куманово дека тие плаќаат најскапа вода е мит, бидејќи во другите градови ситуацијата е сосема поинаква. Според податоците во 2021 година во Струмица просечна тарифа на водата ќе биде 34,64 ден, во Битола 36,55 ден, во Прилеп 32,60 ден, граѓаните на Охрид ќе плаќаат 43,24 денари итн.
Што се однесува за тарифата на цените на вода за снабдување за правни лица во Куманово, од 35,75 денари по кубик се зголемува на 38,11 денари, а потоа наредната година 39,10 денари по кубик. Одгледување на вода, исто така со тарифа од 5,09 денари во 2021, наредната година ќе се покачи на 5,30 денари и 2023 година на 5,48 денари по кубик. За правни лица во 2021 година ќе изнесува 6,63 денари по кубик, во 2022 година 6,70 денари и 2023 година 6,72 денари по кубик, а тарифа за прочистување 2021 ќе биде 10,81, 2022 година 12,86, а 2023 година 13, 50.
Во моментот цената на водата за пиење во Куманово изнесува 29,49 денари за еден кубик.
(Ф.Марковска)