Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На подрачјето на СВР Куманово, вчера во периодот од 14 до 20 часот, казнети се 93 возачи кои управувале возило со брзина поголема од пропишаната.
Граѓаните на Куманово, главно ја поддржуваат акцијата на МВР за санкционирање на возачите кои не ги почитуваат сообраќајните правила и ја загрозуваат безбедноста на сите учесници во сообраќајот, но бараат контролите да бидат неселективни и да не се вршат само на одредени локации во градот.
„Доста се толерираше безаконието. Вози кој како ќе стигне, без дозвола, алкохолизирани, дрогирани, малолетни, стари луѓе со нарушено здравје. Поминуваат на црвено на семафор, не почитуваат ограничување на движење, претекнуваат на полна линија, паркираат каде што сакаат, хаос ни е по улиците и патиштата. Затоа мали се казните, треба драстично да се зголемат и да не се селективни, да важат за сите. Да има контроли во сите делови на градот и во регионот, а не само на едни те исти локации. Да нема привилегирани, да се казнуваат и оние што имаат врски и работат во полиција, бидејќи тие најчесто се „најсилни“ во сообраќајот“, коментираат граѓаните.
Тие бараат поведе сметка и да се санкционираат и возачите на мотоцикли кои дивеат во градот, како и деца на скутери кои не ги почитуваат сообраќајните правила.
Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредните денови.
„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, соопштува МВР.
(С.Николиќ)