Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Прославните верници на 6 јануари ја слават Бадниковата вечер, а Божиќ се празнува наредните три дена.
Христовото раѓање се слави по шестнеделниот пост, кога рано наутро се оди во црква, а верниците се поздравуваат со зборовите “Христос се роди“ и отпоздравуваат со “Навистина се роди“. Во текот на овие денови додека трае празникот не се работи.
Според житието, Христос е роден во Витлеем од татко Јосиф и мајка Марија Пресвета Богородица. Наспрема сите цареви, мудреци и пророци, се раѓа Исус Христос Господ и Спасител на човечкиот род. Самиот збор Бадник значи будење и таа ноќ е ноќ кога сите остануваат будни. Празникот е поврзан со многу обреди поврзани со плодноста, вегетацијата, здравје, среќа на семејството.
Главниот реликт на празникот е дабовото дрво или дабови гранки кои домаќинот ги сече рано наутро пред изгрејсонце. Тој во куќата го внесува дабовото дрво и вечерта го горат. Внесувањето на бадник во куќата кон кое се постапувало како кон божество се очекувало од него да донесе среќа, здравје и обезбедување плодност на посевите и стоката. Палењето на бадникот воопшто и се доведувало во врска со култот на предците и плодност на природата. И внесувањето на слама како еден од главните реквизити е работа на домаќинот. Тој ја внесува сламата и ја реди под трпезата на која вечераат. Преку сламата се посипува и мешано жито. Сламата според некои тези е сврзана со животопренесување или реквизит за архаизирање на обичајот односно во врска со култот на мртвите - вели м-р Анита Ѓорѓиевска, кустос етнолог во НУ Музеј Куманово.
За Бадник се поставува посна трпеза на која неизбежно е и лепчето со паричка. Се верува дека оној кај кого ќе се падне паричката ќе биде најсреќен во годината.
Пред да се започне со вечерата домаќинот го крши кравајчето и го дели првин на Господ, потоа на домашните и најпосле на стоката. Таму кај што ќе се падне паричката , таму ќе биде среќата таа година. По вечерата се делат секому смокви, ореви, јаболка. Остатоците од вечерата се оставаат да стојат на трпезата останатиот дел од ноќта и таа ноќ не се мете - да не се смете среќата што претставува широко народно верување. Да не ги изоставиме и коледарите. Се работи за поворки чија главна функција е честитање и благословување. Порано децата собирале колачиња и овошје по куќите. Обично оделе два дена пред Божиќ - објаснува м-р Ѓорѓиевска.
Луѓето се трудат да ги сочуваат обичаите кои ги научиле од своите најблиски. Тие за Бадник подготвуваат посно гравче, сарма, посни колачи, риба.
Како дете оние обичаи кои ги правеа баба, дедо, потоа мајка ми и татко ми ги практикуваа, еве сега ние истото го пренесуваме на нашите деца. Лани ми се падна паричка, ми беше среќна годината и по тоа знам дека навистина паричката носи среќа. Тоа е наш најголем празник, секој ја сака паричката, но никогаш не ја местиме паричката - раскажува Благица Стојковиќ, средовечна жена од Куманово.
Божиќ е еден од најголемите и најзначајните празници за христијанските верници.