Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претставници од Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) вчера во Куманово ја презентираа новата дигитална апликација ССМ - „Мои работнички права“, со која работниците на брз и едноставен начин преку мобилни телефон можат да ги да пријават прекршување на нивните права.
Апликацијата овозможува пријавување на прекршено право за себе и за друго лице, анонимно пријавување, директна комуникација со претставници на ССМ и следење на вести и совети од ССМ.
Оваа мобилна апликација во примена е помалку од две години и веќе ги дала очекуваните резултати.
„Имаме зголемен број на пријави. Само во последната година преку апликацијата има околу 10.000 пријави. Работниците најмногу се жалат за прекувремена работа, право на минимална плата, надоместоци, додатоци и придонеси од плата, неисплатен регрес за годишен одмор, неискористен годишен одмор и др.“, вели Христина Јордановска од ССМ.
Од Синдикатот велат дека постапуваат по секоја претставка, односно откако ќе ја добијат пријавата ја поднесуваат до Државниот инспекторат за труд или останатите надлежни институции.
„Нивните вработени излегуваат на терен и извршуваат инспекциски надзор, и врз основа на тоа што го констатирале ние добиваме повратно известување што е најдено, и како постапиле. Доколку се утврдени неправилности инспекторите донесуваат решенија во кој рок работодавачите треба да ги отстранат, доколку не се утвредени добиваме известување дека нема пропусти во работењето и наводите во преставката се неосновани“, додава Весна Тодоровска советник правната заштита во ССМ.
Нашите соговорнички велат дека во најголем дел од пријавите се основани, а најчесто работничките права се кршат во угостителството, текстилната индустрија, градежништвото, главно се однесуваат на сите вработени, додека поретки се поединечки случаи.
Последен пример на кој реагирале од ССМ е градежната фирма Бетон, при што на предлог на вработените е отворена стечајна постапка.
Статистиката на апликацијата „Мои работнички права“, покажува дека анонимното пријавување најмногу се користи од страна на работниците и претставува 62% од вкупниот број на пријави за прекршени работнички права. Пријавите се во 87 % од вработени, а 13 % од пријавите се од невработени лица или лица на кои им бил прекинат работниот однос.