Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Црквите „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во Младо Нагоричане и „Воведение на Пресвета Богородица“ во Карпино и ќе добијат вкупно 1,4 милиони денари од државата за заштита на иконите и иконостасите.
Според програмата за финансирање проекти од национален интерес што ја објави Министерството за култура, во областа на недвижно културно наследство во 2021 година во програмата за непосредна заштита, ќе бидат издвоени 1.25 милиони денари за црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во село Младо Нагоричане и 160.000 денари за црквата „Воведение на Пресвета Богородица“ во Карписнкиот манастир, двете во Општина Старо Нагоричане.
Во црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во село Младо Нагоричане, оваа година најмногу пари во висина од 1 милион денари, ќе бидат вложени во проект за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство, а 250.000 денари во втората фаза на конзервација и реставрација на 20 празнични икони и на иконостасната конструкција во црквата.
Карпинскиот манастир „Воведение на Пресвета Богородица“, кај село Орах, ќе добие 60.000 денари за изработка на проект за конзерваторско-реставраторски работи на дрвената иконостасна конструкција (нов иконостас, 19 век) и гредната конструкција (стар иконостас од 16 век) и 100.000 денари за реализација на проектот за конзерваторско-реставраторски работи на дрвената иконостасна конструкција (нов иконостас, 19 век) и гредната конструкција (стар иконостас од 16 век).
Манастирот во Матејче во програмата културно наследство во опасност, ќе добие 1 милион денари за превентивни интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата и на камбанаријата на црквата Успение на Пресвета Богородица.
Работите на трите цркви ќе ги извршува Националниот конзерваторски центар од Скопје.
(С.Н.)