Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Предлог Законот за родова еднаквост третира еднакви можности на жените и мажите и ја унапредува положбата на жените во сите сфери во општеството, кажа министерката Тренчевска.
"Со овој закон ниту се третира менувањето на полот, ниту пак, истополовите бракови, туку се бави со унапредување на положбата на жените, како и еднаквите можности на мажите и жените во општеството. Воспоставување на еднаквост, создавање на видливост на жената во општеството е единствената намера на креаторите на овој закон,“ потенцираше министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Министерката истакна дека Предлог Законот за родова еднаквост сè уште е во консултативен процес и не е влезен ниту во владина процедура. Притоа додаде и дека, процесот ќе продолжи со цел да бидат слушнати сите чинители во општеството.
Министерката појасни дека родовата еднаквост не е исто што и половата еднаквост.
„Поимот род и пол не е исто што и родов идентитет. Тие се дефинирани согласно постојната законска регулатива во државата и согласно она што државата го презела како обврска од Истанбулската конвенција,“ додаде Тренчевска.
Министерката денеска оддржа брифинг на кој кажа дека Предлог Законот за матична евиденција и Предлог законот за родова еднаквост се два различни закона кои третираат различна проблематика.