Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од минатата недела започна реконструкција и поставување на нови цевки на водоводна мрежа на улицата „Никола Тесла“, која со години наназад е една од најслабите алки во водоснабдителниот систем во Куманово.
Новата водоводна мрежа во должина од 1939 метри со јазли 16 хидранти и реконструкција на 91 приклучок.
Ова е проект на Владата и Министерството за транспорт и врски во кој Општина Куманово има партиципативно учество.
„Изведувачот и надзорот на објектот се изберени на тендерска постапка од страна на Владата и Министерството за транспорт и врски. Општина Куманово обезбеди дозвола за градење и техничка документација за проектот. Владата вложува близу 15,4 милиони денари (околу 250 илјади евра), додека општината одвојува 3,9 милиони денари или околу 62,5 илјади евра“, изјави Момчило Јовановски, од Секторот за комунални работи на Општина Куманово.
Целосно проектот треба да заврши во наредните 6 месеци. Изведувач на работите е фирмата „Коп Инженеринг“, која ќе ја врати улицата во првобитната состојба.
Жителите на улицата „Никола Тесла“ и населбите Долно и Горно Којнаре ја поздравуваат одлуката за реконструкција на водоводната мрежа по бројните дефекти кои постојано ги оставаа без вода.
„Конечно ќе немаме проблеми со водоснабувањето. Нема куќа пред која не е ископано за санација на пукната водоводна цевка, која ја поплавуваше улицата и не оставаше без вода. Често алармиравме и апелиравме до надлежните да се реши проблемот. Голем плус е и тоа што азбестните цевки ќе се заменат со пластични кои можат да поднесат поголем притисок, поголем проток и се безбедни за користење, што се однесува на нашето здравје“, изјави Миле Спасовски, жител на улицата.
Тој дополнува дека е изненаден од брзината и ефикасноста со која се работи, без нарушување на нормалниот живот со исклучувања на водата или стопирање на сообраќајот.
Ова е фреквентна улица со густ сообраќај кон населбите и селата кон липковско, а често се користи и за приклучување на автопатот „Пријателство“.
Должината на новата водоводна мрежа е близу 2 километри, до надвозникот на автопатот кон селото Долно Којнаре.