Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во посебни простории во ООУ „Браќа Миладиновци“, на ул. Тане Георгив, во поранешното училиште Карпош, започа со работа Центарот за поддршка на ученици со попреченост на кои ќе им се помага во учењето. започнува со работа Центарот за поддршка на ученици со попреченост на кои ќе им се помага во учењето.
Предвидениот капацитет за прифаќање на овие ученици веќе се пополнува, а услугите можат да ги користат децата кои имаат класификација и проценка за функционалност од стручното тело на Меѓународна класификација на функционалност- МКФ и тоа од сите основни училишта на подрачјето на Општина Куманово што потпишале договор за соработка со Центарот. Засега со учениците ќе работи еден дефектолог, заедно со логопед.
„Започнуваме со давање на дефектолошки третмани, сензорска интеграција, логопедски услуги, како и со обука и вклучување на децата во асистивна технологија, според нивните можности и способности. Веќе предвидената бројка се пополнува, имаме опфатени ученици од речиси сите општински основни училишта. Ниедно дете не е одбиено, очекуваме и поголем број на ученици во текот на второто полугодие“, вели дефектологот Оливера Митевска-Ѓорѓиевска.
Oткако се имплементираше инклузивното образование според кое наместо во посебни одделенија, децата со пречки во развојот ќе следат настава заедно со останатите ученици, во ООУ „Браќа Миладиновци“ веќе нема да се запишуваат ученици во посебни паралелки. Во нив ќе останат единствено веќе запишаните ученици во паралелките од 2-9 одделение.
Наместо посебни паралелки, во училиштето ќе функционира Центарот за поддршка на ученици со попреченост каде ќе се даваат услуги на сите инклузирани деца кои имаат проценка од стручно тело на МКФ. Просториите во кои ќе работи центарот се доопремени, легализирани, со добиена согласност за користење од Министерството за труд и социјална политика .
Стручно тело на МКФ има во ОУ „Вук Караџиќ“, но комисијата се уште доаѓа од Скопје. Според информациите во најскоро време комисијата ќе работи нон-стоп со членови од Куманово. Стручните служби од Центарот за поддршка поаѓаат од препораките што ги дава таа комисија.
„Со децата корисници на услугите на Центарот вршам дефектолошки третмани за подобрување на концентрација и внимание која кај овие деца е најпотребна, помош при почетно пишување и читање, развој на фина моторика, како и психомоторна реедукација“, објаснува Ѓорѓиевска.
Дефектолозите од „Браќа Миладиновци“ членуваат и во инклузивни тимови во училиштата на подрачјето на Општина Куманово кои немаат вработен дефектолог, односно стручен едукатор и рехабилитатор. Дополнителна обврска им е обука и давање насоки на наставници за индивидуални образовни програми и модифицирана програма за работа со ученици со попреченост, инклузирани во редовниот воспитно-образовен процес.
Пред два месеци родителите на децата со попреченост реагираат поради тоа што со години наназад не функционира Центарот за продолжен престој на ученици вклучени во специјални паралелки и инклузивно образование и за дневен престој на деца со попреченост вон образовниот процес, иако со години е опремен.
Од локалната самоуправа информираат дека во изминатиот период Центарот не бил ставен во употреба, бидејќи во тек била постапката за легализација на просторот и пандемијата со ковид-19, а воедно бил донесен и новиот Закон за социјална заштита во кој се одредени начинот и условите за развој на социјалните услуги на локално ниво.