Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Заштитна звучна ограда во должина од 1,8 километри се поставува на автопатската делница Куманово- Долно Којнаре, за физичка и звучна заштита на населението кое живее покрај автопатот.
Проектот го изведува Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), започнат е на средината на минатата година, а би требало да заврши за 2,5 месеци.
„Согласно Договорот за поставување на заштитна звучна ограда на одредени автопатски делници по должината на коридорите 8 и 10 (покрај град Куманово и покрај населено место Сарај) се поставува заштитна звучна ограда покрај градот Куманово (Куманово-Долно Коњаре) со должина од 1,8 км и заштитни звучни огради во должина од 1,65 км покрај населеното место Сарај (Сарај, Арнакија и Ласкарци). Изградбата на заштитните звучни огради започната е во мај 2023 година и ќе заврши во април 2024 година, а досега се реализирани 90% од вкупната работа. Средствата за овој проект се обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта и се во висина од 231.000.000 денари со вклучен ДДВ (или 3.750.000 евра)“, соопштуваат од ЈПДП.
Изведувач на работите е фирмата „БИТЕМ ДООЕЛ“ Скопје.
Најчест тип на акустични ѕидови или бариери кои се поставуваат покрај автопат можат да ја намалат бучавоста до 10 dB. Конструирани се така да лежат надолжно по автопатот, што го блокира и погледот на патниците кои транзитираат на жителите кои живеат покрај сообраќајниците. Жителите кои живеат во близина на бариерите тврдат дека разговорите во домаќинставата се олеснети, условите за спиење подобри, почесто ги отвараат прозорците и повеќе време поминуваат на отворено во своите дворни места.
Вакви заштитни звучни огради има на обиколницатата на Скопје, на автопатот Миладиновци - Штип (кај Свети Николе и средно Коњаре), на автопатот Демир Капија-Смоквица (кај Смоквица) и на обиколницата на Битола.
Поставување на звучни ѕидови или бариери се применува како мерка за заштита на населението од загадување од бучава, проблем што од година во година станува се поактуелен.