Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Судски спор се води против надзорниот орган и фирмата која што го градела затворениот базен во Куманово, затоа што не ја завршила работата докрај, па општината бара надомест на штета. Истовремено овој капитален објект е ставен и под хипотека заради долг на ЈП „Чистота и зеленило“ кон УЈП.
Овие информации денеска пред новинарите го кажа претседателот на здружението „За наше Куманово“, Даниел Стојчевски, како аргументи плус, правдајќи ја одлуката за петмесечното затворање на базенот.
„Во интерес на јавноста сакам да истакнам дека базенот е отворен 2016 година, за негова изградба од буџетот на Oпштина Kуманово потрошени се 4,5 милиони евра и Куманово за тие пари требаше да добие целосен модерен енергетско ефикасен базен, а не објект кој што се уште не е довршен, со голем број на пропусти во изградба како во градежниот, така и во техничкиот дел. Поради тоа градоначалникот Максим Димитриевски во јули 2019 година поднесе тужба против надзорот и изведувачот на градежните активности за надомест на штета, поради пропусти во работа и изведба во износ околу 2 милиони евра. Ова судска постапка е во тек пред Кумановскиот суд и се очекува нејзин епилог“, кажа Стојчевски.
Тој додаде дека во 2016 година од страна на Советот, а по предлог на тогашниот градоначалник Зоран Дамјановски базенот е ставен под залог заради неплатено ДДВ на ЈП „Чистота и зеленило“, за период од 2003 до 2005 година.
„Нека објасни зошто тогашното мнозинство во Советот предводено од СДСМ и тогашниот претседател на Советот Александар Арсиќ донеле една ваква одлука со залог да го оптерети имотот на Општината, што воедно е и прв ваков случај во историјата на Куманово“, праша Стојчевски.
Затворениот базен во Куманово почна да се гради во 2012 година, со средства од Општината. Тој е со површина околу 6000 квадратни метри, а на 1800 квадратни метри беше предвидено да има деловен комплекс со спа центри, фитнес клубови, простории за спортски клубови, хотел и угостителски објекти.