Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Заврши проектот „Дигитализирање на археолошки содржини на локалитетот Градиште – Младо Нагоричане и Црквиште, Клечовце“ кој го спроведуваше Музеј Куманово во партнерство со Археолошкиот Музеј од Скопје.
Во рамки на проектот извршено е скенирање на повеќе од 8 км2 површина со користење на најсовремена техника на георадар, кој е во сопственост на Археолошкиот музеј.
„Најновите снимки покажуваат дека на локалитетот Градиште - Младо Нагоричане има богати наоѓалишта од хеленистичкиот период, со добро сочувани структури. Во последно време се вршат ископувања на Долната тераса, но со снимките се добиваат попрецизни насоки за планот на идните ископувања и истражувања. На лок Црквиште - Клечовце постои населба од доцноримскиот период, и тука целосно е истражена ранохристијанска црква со придружни објекти. Снимањата беа насочени на повеќе сегменти од населбата, а беа базирани врз претходните истражувања – рекогносцирања, преку кои е утврдена густината на распространетост на наодите. Сознанијата ќе се користат за планирање на идните локации за истражување“, вели археологот Дејан Ѓорѓиевски.
Музејот Куманово е една од ретките институции кои употребуваат современи технологии во археолошки истражувања. И двата локалитети и порано биле геофизички снимани, со средства обезбедени од Министерството за култура и од меѓународните институции.
Најновите истражувања се финансирани од Министерството за култура и се работеше под раководство на Дејан Ѓорѓиевски и Мирослав Петковски.