Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Завршена е четвртата фаза од реконструкција на Театар Куманово, со која се опфатени поголем дел од градежните работи и адаптација на објектот.
Во изминатите 4 години потрошени се 32 милиони денари или 500.000 евра, а со одлука на минатата власт оваа година треба да се издвојат 60 милиони денари или 1 милион евра, а за следната 2026 година повеќе од 83 милиони.
Оваа година треба да се реконструира кровот и да се постави светлосната инсталација, а догодина сценската техника. Целата реконструкција ќе чини околу 2 милиони евра
„Предвидените средства се доволни да се заврши целосно зградата на театарот и да се пушти во употреба кон крајот на 2026 година. Добивме уверување од министерот Зоран Љутков дека нема да се чепка во предвидениот буџет и дека ќе се заврши со реконструкција на објектот“, вели Сашо Тодоровкаи, деиректор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово.
Кога ќе се продолжи со работите зависи од средствата кои ги добиваат преку Министерството за култура и туризам, финасиери на проектот. Во петата фаза треба да се изврши санирање на кровната конструкција со зајакнување и замена на дрвените конструктивни елементи со армирано- бетонска конструкција, зајакнување на порталот помеѓу сценската кула и гледалиштето, доспроведување на електротехничките инсталации во гледалиштето, сценската кула и контролните простории и спроведување на термотехничките инсталации. Последната фаза, планирана за следната година подразбира завршни работи на фазите од електро, термо и сценска техника, и внатрешно уредување на просторот.
„Имаме многу убаво идејно решение за етисонот, седиштата, но зависи од произведувачите дали ќе најдеме тоа што е замислено и одобрено. Внатрешното уредување, како и се друго, се прави во договор меѓу проектантот, надзорот и инвеститорот, секако со запазување на првичната визија, намената на просторот и усогласеност на боите и материјалите“, објаснува Виолета Џуровска, од „Архиум“ од Скопје, проектант на идејното решение.
Работата се одолговлекува поради малите суми кои се одобруваат на годишно ниво, но направено е многу во подобрување на условите во самата зграда. Со копање во длабочина и преадаптација на поранешното бифе добиени се 8 простории, гримиорни машка и женска посебна гардероба, по една за членови на ансамблот на македонската и албанската драма, посебни санитарни јазли за актерите, како и простории за читачки проби. Изведена е и просторија за чајна кујна за уметниците, како и работна просторија за техничкиот персонал. За потребите на актерите конструиран е и директен пристап до сцената, а оспособен е и економскиот влез за администрацијата, сценските работници и актерите.
Во голема мера старата дрвена конструкција е заменета со армирано- бетонска на меѓукатовите, скалите, во конструкција на новите простории. За потребите на лицата со посебни потреби направена е пристапна рампа на влезот на театарот, но и во внатрешноста, како и лифт за пристап до галеријата.
Иако на прв поглед се чини дека работата повеќе „стои отколку што тече“, сите што го познаваат просторот од порано се сложни дека одредени делови се непрепознатливи и значително унапредени- и во практична и во естетска смисла.
Реконструкцијата на зградата на Театар Куманово започна во август 2021 и требаше да заврши за три години, доколку се одвојуваа доволно средства и се почитуваа роковите. Во последните три години двата ансамбли на македонски и албански јазик се сместени во просториите на Центарот за култура, во кој нема централно греење, поради што нема ни услови за редовен репертоар.