Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Заврши изградбата на спортската сала на Општинското средно техничко училиште „Наце Буѓони“ во Куманово.
Изградена спортска сала е опремена со сите реквизити и справи за мали спортови, кошарка, ракомет, мал фудбал и за одбојка.
Како што соопштуваат од училиштето, во моментот се работи на подготовка на елаборатот за да може да се извади имотен лист и изградба на трибините покрај игралиштата.
„Изградбата на Спортската сала е целосно завршена. Во моментот се подготвува елаборат, за да се извади имотен лист. Се` е завршено и околу изградбата на игралиштата, останува уште само трибините да се постават. Со ова учениците ќе имаат подобри услови за реализирање на физичкото образование, односно соодветни услови кои се неопходни за нив и изведувањето на наставата“, рече Драган Јаневски, директорот на училиштето „Наце Буѓони“, каде настава на албански и македонски јазик посетуваат околу 2000 ученици.
Средствата за нејзината изградба во висина од 27 милиони денари ги обезбеди Владата, а Општина Куманово потроши околу 2 милиони денари.
Техничкото училиште „Наце Буѓони“ постои од 1960 година. Наставата се одвива во 72 паралелки, на македонски и албански наставен јазик. Немањето на спортска сала претставуваше голем недостаток за изведување на наставата по физичко и здравствено воспитување, заради што години наназад училиштето при рангирањето добиваше послаби оценки.