Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Заврши реконструкцијата на кровот на зградата на основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“. Останува уште да се средат таваните, по што вториот кат од училиштето ќе се стави во функција. Реконструкцијата започна во втората половина на мај, градежните работи треба да завршат за 10 месеци.
Проектот е на Министерството за образование и наука и предвидува замена на стариот и дотраен кровен покривач со енергетски ефикасен покрив. Предвидена е и внатрешна замена на стари и дотраени материјали.
Реконструкцијата чини близу 15 милиони денари или 250 илјади евара со вклучен данок на додадена вредност кои ги обезбеди Владата, а тендерот го доби фирмата „Ибро комерц“ од Липково.
„Сега се работи на санација на таванските површини на вториот, последен кат од училиштето кој е најоштетен од протекувањата и влагата, иако мувла имаше и на пониските катови. Водата секогаш си наоѓа пат да помине. За време на распустот се заврши со молеро-фарбарските работи на првите 2 ката, останува да се заврши уште цоклата. Последниот најоштетен спрат очекуваме да се санира и дотера во наредните два месеци“, изјави Јасмина Спасовска, директор на „Браќа Миладиновци“.
Работата не е завршена, просторните капацитети се ограничени, па училиштата прибегнуваат на истата тактика од минатата учебна година.
„Четири паралелки од 4-то одделение се во просториите на Гимназијата „Гоце Делчев“, исто како лани. Веќе имаме искуство, воспитно-образовниот процес не трпи и се трудиме, и ние и изведувачите што поскоро да се вратиме во рамките на нормално фунционирање на двете училишта - да си ги прибереме децата под наш кров“, објаснува Спасовска.
Проблемот со протекување на кровот се провлекува со години, но ескалираше на почетокот на минатата учебна година.
Во двете училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“ запишани се над 2.500 ученици и тоа се најголемите основни училишта во градот.