Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По осум месеци заврши санацијата на мостот над реката Кумановка на регионалниот пат Куманово - Свети Николе во населбата Проевце, и од утре ќе биде пуштен за сообраќај.
„Од понеделник (10 октомври) напладне ќе биде прооден за сообраќај мостот на река Кумановка на патот R1204, делница Куманово – Свети Николе“, соопшти АМСМ по известување од „Синтек инженеринг“.
Градежните работи започнаа во февруари, а извршена е целосна реконструкција на мостот, кој се наоѓаше во катастрофална состојба, со дупки по коловозот и скршена заштитна ограда.
„Градежните активности опфаќаат санација на столбовите, менување на лежиштата, санација на челичната конструкција, санација на отворената дупка на коловозот, бетонирање на нова коловозна плоча, нова хидроизолација, нови дилатации, нова еластична одбојна ограда и нови тротоари. Санацијата на мостот ќе изнесува 59.733.742,00 денари без ДДВ“, соопштија тогаш од Јавното претпријатие за државни патишта.
Вредноста на проектот е околу 1 милион евра, а средствата се обезбедени од државата.