Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Првата делница на железничката пруга од Коридорот 8,од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 км , е изградена 44%, а надлежните очекуваат да биде завршена до предвидениот рок во октомври 2024 година, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на Македонски железници Зоран Трифуновски, изврши увид во изградбата на пругата кај железничката станица „Перо Чичо“ .
„Ова влада покажа одлучност да ја започне најголемата инвестиција во железничката инфраструктура од независноста на државата до денес. Тоа што можам оттука да најавам е дека до крајот на годината очекувам да го распишеме и јавниот повик за изградба и на третата фаза, односно делницата од Крива Паланка до границата со Бугарија. Нашата цел е да создадеме модерна железничка мрежа, која ќе овозможи брза врска кон соседните земји, но и да создадеме услови за економски раст, олеснувајќи го транспортот на товар и патници и отворајќи нови можности за македонските компании", изјави министерот Бочварски.
Инвестицијата за делницата Куманово - Бељаковце изнесува 41 милион евра, а во втората фаза од Биљаковце до Крива Паланка ќе се инвестираат 155 милиони евра за дополнителни 34 километри.
Министерот Бочварски потенцираше дека се надминати најголем дел од предизвиците и дека се работи со доволен и добар прогрес.
Увидот е направен на точно 10-от километар, каде во моментов се изведуваат работи, во населбата Перо Чичо во Куманово. На оваа делница предвидени се три станици, и тоа во Ново Куманово, Шупљи Камен и Бељаковце.
„За проектот целосно е завршена експропријацијата и даваме приоритет на барањата на европските банки, а тоа е да се посвети внимание на социјалниот дел од животот на граѓаните и на животната средина. Сите проблеми досега се решени, а на барање на жителите од населбата „“Перо Чичо направен е и подвозник и звучна изолација“, истакна директорот на Македонски железници,Зоран Трифуновски.
Присутните потенцираа дека Собраниетo го изгласа законот за либерализација во железничкиот сообраќај, процес со кој се очекува да влезат и дополнителни нови оператори кои ќе возат по македонските пруги.
Министерот Бочварски потсети и на други инвестиции во патна и транспортна инфраструктура на Владата во Североисточниот регион.