Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Значително поголем број на повици добива Брзата помош Куманово во текот на последното деноноќие, откако земјата е зафатена со високи температури. Лекарите велат дека тоа негативно влијае врз здравјето и општата состојба на граѓаните.
„Најчесто се јавуваат пациенти со церебрално-кардиолошки тегоби, хронично болни, особено оние со срцеви, невролошки или белодробни заболувања, пациенти кои доживуваат нагол пад на притисокот, но зголемен е бројот и на интервенции при незгоди во сообраќајот. Високите температури влијаат и на концентрацијата, а и веројатно зголемената фреквенција доведуваат до побројни интеревенции на улиците и патиштата“, изјави доктор Валентина Тодоровска Трајковска, од Брза Помош Куманово.
Лекарите апелираат до граѓаните да ги следат препораките и да не се изложуваат на непотребни ризици-да се остане во затворени, климатизирани простории. Доколку немаат неопходна причина за излегување, посебно во периодот од 10 до 17 часот, да се избегнува директна изложеност на сонце, да не се оставаат деца и животни затворени во паркирани возила, да се носи светла и лесна облека, заштитни очила и капа и да се користат креми со УВ фактор. Граѓаните кои излегуваат на отворено треба да бидат добро хидрирани, но да се избегнуваат алкохолни или засладени пијалоци, да се венсува помали количества на храна, избегнувајќи мрсни и висококалорични оброци.
„Ако во било кој момент се почуствува зашеметеност, слабост, вознемиреност или интензивно чувство на жед и главоболка, секој нека побара помош, да се засолни на сеновито и посвежо место и да се напие негазиран минерален пијалак за рехидратација“, препорачува д-р Тодоровска Трајковска.
Веќе два дена државата и Куманово се наоѓаат во портокалова фаза, па Владата донесе препораки да се ослободат од работни обврски најранливите групи-бремените жени и лица на возраст над 60 години.
Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
Исто така физичката активност и престојот на отворено за децата во градинка да не се изведува во периодот од 11 до 17 часот.
(фото: архива кумановоњуз)