Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кога се во прашање карактерните типови, постојат многу тестови кои брзо стекнаа популарност. Дали станува збор за добар маркетинг-трик, реална психолошка поткованост или потребата луѓето да си ја објаснат сопствената комплексност, психолошките тестови се одличен начин да навлезете подлабоко
во самоистражувањето.
Дали сте интроверт?
Доколку сте интровертна личност, тоа ќе биде потврдено така што ќе се чувствувате преморено при долги и чести интеракции со другите луѓе. Освен заморот од интеракциите, можно е да почувствувате и притисок, анксиозност, чувство на немир и потреба да побегнете, а сите овие нешта ќе стивнат во
моментот кога ќе останете сами.
На интровертите им е потребно подолго време да ги наполнат своите социјални батерии и затоа е важно да одвојат време од денот да бидат сами. Секојдневното нормално функционирање ќе им биде отежнето при последователно немање време за себеси, така што нема да се способни да донесат одлука, ќе бидат лесно иритирани и нервозни.
За интровертите, меѓучовечките интеракции се како полнење чаша со вода – потребно е да ја испиете претходно ставената вода за да можете да додадете уште вода, во спротивно “социјалната чаша“ ќе се преполни и истури.
Дали сте екстроверт?
Екстровертите добиваат енергија преку поминувањето време со други луѓе. Нивниот процес на донесување одлуки е отежнет доколку немаат човек со кој ќе ги споделат своите размислувања и ќе добијат повратно мислење. Потврда на екстровертниот карактер е зголемувањето на енергетските нивоа при интеракциите со други луѓе и, аналогно на тоа, депресивни или апатични периоди
при немање контакт со другите.
Екстровертите имаат потреба од социјални активности за да ги наполнат своите батерии, да се чувствуваат задоволно и да бидат најдобрата верзија од себе. Пролонгираните периоди на осаменост можат да предизвикат депресија, збунетост и општа непријатност.
Секако, и на екстровертите им е потребно време за себе, но не во количини во кои
што тоа го бараат интровертите. Клучот за исполнет живот е во правилното
балансирање на времето за себе и времето поминато со другите.
Дали сте амбиверт?
Амбивертната личност е некој што се наоѓа точно на средина помеѓу интровертите и екстровертите. На амбивертите им е потребно потполно еднакво време за себе, колку што ќе потрошат со другите луѓе. Потврда на вашиот амбивертен карактер ќе биде броењето на часовите кои ги минувате заедно со пријателите и чувствувајќи силна потреба исто толку време да поминете сами.
Општествените интеракции и одморот се движат правопропорционално и строго избаланасирано во светот на амбивертите.
Знаејќи во која група припаѓате може значително да го олесни вашиот живот и да го зголеми квалитетот на вашето секојдневно функционирање. Често се случува луѓето да не можат да издржат зафатен општествен ритам и поради тоа да се чувствуваат лошо, кога всушност тие воопшто и немаат потреба од такво нешто, туку се обидуваат да се конформираат на туѓи општествени стандарди.
Истиот случај може да се забележи и кај екстровертите, кои неретко се скоро линчувани поради зафатениот распоред и динамичното темпо на живеење, веднаш етикетирајќи ги како површни луѓе без суштина, само поради тоа што не им се потребни седум работни денови за себе. Сите луѓе имаат различни потреби и знаејќи ги вашите ќе си спасите многу време и енергија, кое може да биде
искористено за попродуктивни цели. Знаејќи ги сопствените граници ќе ви овозможи да ги сфатите туѓите потреби и да ги почитувате и нинвите граници, а на тој начин, освен што вие ќе бидете посреќни, целото општество ќе живее подобро.