Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Да се ставите себеси на прво место е понекогаш неопходно и важно, бидејќи ставајќи се на пиедестал, приморани сте да формирате сопствени ставови, јавно да ги презентирате и браните, да сте свесни за своите потреби и желби и активно да се борите за нивно остварување. Но, кога ќе запознаете личност која никогаш не се спушта од сопствениот пиедестал, голема е веројатноста дека имате работа со еготист.
Егоистичните луѓе делат некои карактеристики со луѓето со нарцисоидно нарушување, иако во секојдневните интеракции еготистите се далеку подискретни и потешки за разоткривање. Но, доколку успеете да ги забележите ќе имате простор да ги дефинирате сопствените граници на толеранција, освен што ќе си спасите многу време и трпение.
Првин е важно да се направи дистинкција помеѓу еготистите и егоистите. Еготистот се дефинира како човек со прекумерен интерес за самиот себеси, саможивост, комплекс на повисока вредност и упадлив недостаток од емпатија. Од друга страна, егоистот во традиционална смисла на зборот, се однесува на приврзаник на егоизмот како филозофско движење кое ја постулира идејата дека самоволието и сопствениот бенефит е мотив за сите преземени акции. И двата термина, етимолошки гледано, потекнуваат од коренот “его“ – латинскиот збор за “јас“, од каде што поврзаноста со саможивоста и прекумерното себепромовирање е евидентна. Еготистот верува дека е подобар и поважен од сите останати, но тоа го базира на сопственото чувство, за разлика од егоистот кој своите ставови ги базира на претходно споменатата филозофија.
Докторот по клиничка психологија и реномиран автор, Рамани Дурвасула, тврди дека луѓето со нарцисоидно нарушување на карактерот скоро без исклучок се еготисти, додека не сите еготисти можат да бидат наречени “нарциси“. „Луѓето со нарцисоидно нарушување на карактерот се опседнати со себеси, имаат потреба од обожавање и потврдување на нивната посебност, особено се чувствителни на критики и немаат способност за согледување на сопствените грешки, ниту, пак, капацитет за реципроцитетни врски во кои што и тие би требало да направат жртва или компромис“, вели Рамани.
Клучот за разликување на еготистите од луѓето со нарцисоидни тенденции е во начинот на кој што луѓето реагираат на пофалби или критики. “Нарцисите“ се жедни за внимание, пофалби и афирмирање на нивната перцепција за себеси, па поради тоа не реагираат добро на критиките, додека еготистите имаат огромна самодоверба која прави да не се жедни за внимание. Тие нема активно да бараат афирмации на нивната величественост, бидејќи веќе се стопроцентно сигурни во својата непропорционална вредност, а критиките ќе ги занемарат, мислејќи дека се изливи на завист или чиста неинформираност.
Па, како да препознаете еготист во вашето опкружување? Експертите составија листа на најчестите карактерни црти на таквите личности, со чија помош полесно можете да ги навигирате вашите социјални интеракции и да го заштитите сопствениот мир.
1. Екстремна зачестеност на “јас“ при разговор
Во секојдневните разговори, еготистот може да биде забележан поради прекумерната употреба на сопственото име или личната заменка “јас“, како и потребата разговорот да се револвира околу нив и нивните лични искуства. Доколку соговорникот сака да сподели нешто поврзано со нивниот живот, еготистот ќе побрза приказната да ја пренасочи во приказна за себе или ќе ја
прекине конверзацијата доколку нема можност неговите искуства да бидат ставени во фокусот на разговарање.
2. Неволност да се направи нешто од кое немаат директна корист
Според д-р Рамани, доколку замолите еготистична личност да ве придружува на приредбата на вашето дете или да ви помогне со нешто, голема е веројатноста дека одговорот ќе биде негативен, бидејќи таквите личности не можат да направат нешто од кое немаат никаков бенефит. Доколку активноста не вклучува луѓе со кои тие сакаат да разговараат или можности кои ним им одговараат, еготистите со сигурност ќе ве одбијат.
3. Хиперболизирање на сопствените способности
Во сите ситуации, тие имаат став дека се апсолутно најдобри, независно од вистинитоста на таквиот исказ. Ова не се ограничува само на сопствените квалитети и карактеристики, туку еготистичните личности ќе ве убедат дека нешто воопшто не се случило или со сигурност се случило (во зависност од што повеќе им одговара во контекстот), иако вие сте сведок токму на спротивното. Добар совет во таквите ситуации е да ја избегнете дефанзивата и едноставно да очекувате дека еготистот ќе ја смета вашата перцепција за некоја случка како неважна или неточна.
4. Одбивање да се преземе одговорност
Еготистот ќе ја усмери вината или одговорноста за некоја ситуација во било кој друг правец, освен во себеси. Ова е особено точно кога соговорникот ќе се обиде да ја потенцира важноста од преземање одговорност за стореното, во таквите ситуации еготистот нема да признае, ниту да прифати дека воопшто е направена грешка. Според д-р Рамани, идеално во таквите ситуации би било да бидете свесни со каква личност разговарате и да ги намалите очекувањата за да не се разочарате.
5. Недостаток од емпатија
Разликата помеѓу “нарцисот“ и еготистот е во тоа што “нарцисот“ не поседува способност да покаже било каков степен на емпатија, додека еготистот не може да се натера да биде емпатичен во најголемиот дел од ситуациите. Еготистот не може да се сообрази со можностите на другите, ниту пак да се обиде да ги сфати туѓите емоции, особено во ситуации кога туѓите емоции можат да бидат отфрлени под идејата дека се хиперсензитивност, односно претерана чувствителност. Затоа е важно да имате јасно воспоставени граници при секојдневниот, неизбежен контакт со луѓе од овој тип, кои ќе ве оградат од несакани интеракции со тоа што информациите кои ги споделувате со нив ќе бидат филтрирани.