×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Како домашните разговори влијаат на самодовербата на децата?

    01.09.2021 05:13 | Сара Ѓорѓиоска

    Откако светот се затвори и ограничи на скоро сите начини, семејствата се се` почесто заедно, што значи дека децата слушаат многу повеќе од секојдневните мисли на родителите. Педагошките науки сугерираат дека децата на возраст од околу пет години имаат способност да се перципираат самите себе во склоп на некаква општествена структура (во овој случај, семејството), да формираат мислења базирани на тоа што го слушаат и започнуваат да ја развиваат нивната самодоверба. 

    Како домашните разговори влијаат на самодовербата на децата?

    Невропсихологот Санам Хафез, директор на психолошко советувалиште во Њу Јорк (Comprehend the Mind), вели дека петгодишната возраст е токму периодот кога децата активно ги слушаат луѓето околу себе и создаваат лични ставови на основа на нивните интеракции со другите, најчесто со возрасните.

    За време на семејниот ручек, не е невообичаено возрасните да го сумираат работниот ден, како и родителите да разговараат со пријателите додека децата се играат во соседната соба, па често се заборава дека децата можат да слушнат се`. Доказ за ова е родителската изненаденост кога детето ќе повтори некоја секвенца која родителот ја упатил кон својот партнер или кон некоја друга возрасна личност. Иако ваквите моменти обично се сфаќаат низ призма на хуморот, фактот што децата буквално ги упиваат ставовите на своето непосредно опкружување треба да биде сигнал возрасните да станат свесни и проактивни во секојдневната комуникација, без разлика дали разговорот директно или индиректно ги вклучува најмалите.

    Истражувањата покажуваат дека момчињата за извор на својата самодоверба ги сметаат охрабрувачките зборови и позитивниот став на своите родители, додека за девојчињата поголема улога во формирањето на позитивна слика за самата себе играат образовните работници, како професорите и учителите. Зборовите упатени кон вашите деца се исклучително важни за нивниот развој, но исто така огромно влијание имаат и зборовите кои им ги упатувате на другите луѓе. Истражувачите ја потврдиле тезата дека кога родителот зборува негативно за одредена група на луѓе, децата кои го слушаат тоа првин ќе ги присвојат истите размислувања, а потоа и негативните чувства ќе се прошират на нивната личност. Кажано на кратко, слушањето на родителското незадоволство и
    исфрлањето на бес (особено кога е упатено кон други членови од семејството или блиски пријатели), ќе остави негативен траг на личноста на детето во развој, во период кога тие самите се обидуваат да се справат со туѓите чувства во сопставеност со сопствените, се` уште нејасни чувства. На овој начин се создаваат предрасудите и неоснованите антипатии кон одредени лица или одредени групи на луѓе, потенцира Џонатан Лејн, асистент- професор по психологија и човечки развој при Универзитетот Вандербилт.

    Ова не значи дека треба да престанете да зборувате за другите луѓе или да ја исечете комуникацијата со блиските пријатели или роднини во присуство на децата, туку едноставно да направите јасна разлика при она што е однесување и она што е карактеристика. 

    Според д-р Сара Х. Карбоун, клучот за правилниот развој на детската самодоверба е зборувањето за позитивни нешта кои децата можат да ги контролираат. Обидете се да не давате негативни забелешки за нештата кои луѓето не можат да ги сменат, како физички изглед, националност, етничка припадност или верска определба, додека специфичните однесувања како манири, културни навики наспрема девијантно однесување или навиките за редовна хигиена или учење коментирајте ги во духот на тоа да ги поттикнете вашите деца да имаат здрава самодоверба. Тоа значи блага корекција на нештата кои им недостасуваат или во кои не се природно талентирани и уверување дека се` е остварливо со труд и воља, како и давање позитивна забелешка и покажување гордост за нештата кои на децата им одат со леснотија или ги совладале одлично.