×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Пет навики за посреќен живот

    29.09.2021 05:51 | Сара Ѓорѓиоска

    Истражувањата сугерираат дека луѓето кои негуваат позитивен став и се генерално посреќни имаат 50% поголема веројатност да напредуваат побрзо во професионалните ангажмани, како и другите сегменти на секојдневното живеење. И, спротивно на популарните ставови, среќата не е недостижна емоција, ниту пак ултимативен идеал кон кој треба да се стремиме, туку едноставно перспектива на гледање на животот, која ги филтрира непријатностите и го прави вашето време на земјата поквалитетно. Кога ова ќе се земе предвид, јасно е дека самите можеме да си помогнеме да живееме посреќно, а на кој друг начин би се изреализирало тоа, ако не со менување на навиките?

    Пет навики за посреќен живот

    1. Бидете благодарни

    Доколку не го цените она што го имате, тешко е да работите на развивање на способноста да добиете нешто подобро, а многу лесно е да го изгубите она што сте го занемариле, а било тука. Изразете благодарност за оние кои го прават вашиот ден малку посветол, создадете навика да велите „Благодарам“ дури и за ситниците и гледајте како светот полека ќе стане попријатен со вас.

    2. Практикувајте фалење наместо омаловажување

    Лесно е да се ставите на пиедестал и на тој начин да доживеете среќа, уверени дека сите други се чекор поназад од вас, но таквата среќа е привидна, краткотрајна и апсолутно погубна по квалитетот на вашиот карактер, а потоа и вашиот живот. Зборувајте добро за луѓето околу вас, обидете се да ги детектирате и потенцирате туѓите доблести наместо маани и тогаш многу полесно и самите ќе бидете пофалени, но уште поважно – ќе создадете навика на гледање на светлата страна на животот.

    3. Опкружете се со инспиративни луѓе

    Луѓето се социјални битија, но тоа не значи дека треба да бидете во близина на било какви луѓе. Секој разговор, секоја размена на идеи, секој пријателски круг ќе го трасира правецот во кој ќе се усмери вашата иднина. Олеснително е што имате простор да го изберете вистинскиот пат – опкружете се со луѓе кои ви укажуваат на грешките, ги слават вашите успеси и ве мотивираат да бидете уште подобри. Сите препирања, злонамерни забелешки, лошо осмислени саботажи и свесно трошење на вашето време треба да останат во тинејџерските години.

    4. Хранете се здраво

    Неоспорена вистина е дека всушност сме тоа што го јадеме. Храната која ја конзумирате ќе се рефлектира на вашето тело, но и на вашето расположение. Постојат бројни студии кои ги поврзуваат различните јадења со различно лачење на хормони, кои предизвикуваат различни емотивни сензации. Бирајте паметно и обидете се да се храните со органски, здрави производи наместо лесно достапната брза храна, која пропорционално брзо ќе ја уништи вашата самодоверба и вашите нивоа на долгорочно задоволство.

    5. Бидете искрени

    Нема подобро и поослободувачко чувство на светот од можноста да бидете стопроцентно автентични. А, автентичноста се гради со непоткуплива искреност и изразена транспарентност. Искрениот однос спрема себе и другите ќе ви помогне да го етаблирате вашиот интегритет и на интерно ниво, како и во рамки на вашето општествено делување. Среќата ќе дојде сама при сознанието дека можете да си легнете секоја вечер знаејќи дека сте недопирливи – никој не може да ви ја одземе вашата индивидуалност, никој не може да стави дамка на вашата автентичност.