Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Многумина се прашуваат доколку, во моментот имаат можност да вложат во својата иднина, што е она на што би потрошиле најмногу време и енергија? Хардвардското истражување за развојот на возрасните, се обидува да одговори на прашањето: што е она кое нѐ прави среќни, задоволни и здрави во текот на животот?
Ова истражување покажува дека не е важно богатството, славата или претераната работа, кога станува збор за посреќен и поквалитетен живот. Јасна порака која произлегува од ова истражување е дека: добрите односи се оние кои нѐ одржуваат здрави и среќни.
Три важни лекции од истражувањето:
1. Друштвените врски се препорачливи
Истражувањето покажува дека осаменоста убива, т.е луѓето кои се „друштвено поврзани“ со семејството, пријателите и опкружувањето се посреќни, физички поздрави и живеат подолго од луѓето кои немаат воспоставени добри социјални врски. На осамените луѓе здравствената состојба значително им се загрозува, нивните мозочни функции порано почнуваат да опаѓаат.
2. Важен е квалитетот на врските
Човекот може да биде осамен и во бракот, а и покрај голем број на пријатели, така што важен е квалитетот, а не квантитетот на врските кои ги имаме. Не е нивото на холестеролот она кое ќе одлучи колку долго луѓето ќе живеат, туку колку се задоволни во своите врски, вели психоаналитичарот Роберт Валдингер. Луѓето кои се најзадоволни во своите врски изјавиле дека и на физичката и на психичката болка реагирале на поведар начин.
3. Добрите врски го заштитуваат и мозокот
Добрите врски не го штитат само нашето тело, туку ги штитат и нашите мозоци. Истражувањето покажува дека луѓето кои биле во добра, сигурна врска, дури и на 80 години имале јасно сеќавање за своите спомени.
Харвардското истражување за развој на возрасни е можеби најдолгото истражување за животот на возрасните, кое некогаш било направено. Во текот на 75 години се следел животот на 724 мажи, каде подоцна биле приклучени и жените, а денес истражувањето продолжува со околу 2000 деца на луѓето кои биле вклучени во овој проект. Овие луѓе биле следени на нивните работни места, во нивнто семејно опкружување, а исто така била следена и нивната здравствена состојба. Првата група со која е започнат овој проект биле студенти од втора година на Хардвард, а втората група биле деца од најсиромашниот кварт на Бостон, во 1930 година. Во текот на ова истражување дел од тинејџерите станале ѕидари, работници во фабрики, адвокати, еден од нив дури и претседател на САД, додела пак некои станале алкохоличари или шизофреничари.
Извор (Robert Waldinger)