23. 06. 2020 12:59

Експлозивот во пекарата на Мисајловски, злоупотребен за предизборни обвинувања

Експлозивот во пекарата на Мисајловски, злоупотребен за предизборни обвинувања

Пишува: Соња Рилковска

Рецензираме вест која комплетно се темели на интегрално дадена изјава од портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски објавена на порталот „Курир“ на 22 јуни.

Насловот на веста е „Стоилковски: Овие избори од СДСМ и Заев јавноста нема да види програма туку бомби!“. Во насловот и во воведен пасус од текстот се изнесени сериозни и неосновани односно непотврдени обвинувања на адреса на СДСМ. На самиот старт на изборната кампања се забележува вжештена реторика и партиски обвинувања, полни со навреди. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, за експлозијата пред семејната пекара на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, дирекно ја обвини СДСМ доведувајќи го инцидентот во директна корелација со Заев и изборната кампања на владејачката партија. Всушност, станува збор за кривично правен настан, кој СДСМ го осуди и повика надлежните да го расчистат. 

Но, Стоилковски во својата изјава, спинува со тоа што експлозивната направа која била поставена во објектот во сопственост на Мисајловски, ја доведува во корелација со напад врз самиот Мисајловски иако нападот се случил ноќе, во момент кога немало никој во објектот, во 3 часот и 40 минути рано изутрината. Понатаму, овој кривично правен настан, на ниеден начин не може да се поврзе со изборната програма, наспроти тврдењето дека ,,на овие избори од СДСМ нема да има програма, туку бомби!”.

Зад мене е објектот, зад мене е инспирацијата за бомбашкиот напад врз семејниот објект на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски. Бомбашки напад врз функционер на опозицијата! Тоа е вистинското лице на забеганиот СДСМ. Тоа е чисто политичко насилство, мерки од најнедемократски режими. Насилството кое што се демонстрира е инспирирано и поттикнато од забеганиот СДСМ, од нивната насилничка реторика.

Станува збор за класичен спин, од причина што сторителот на кривичното дело уште не е пронајден а еден кривично правен настан е искористен со цел да се обвини политичкиот опонент во кампањата. Полицијата води истрага и се уште не излегла со официјални информации во однос на настанот, а во јавноста веќе се изнесуваат сериозни и непотврдени обвинувања.

Воедно, обвинувањата се без докази. А докази се неопходни, за да се изнесе обвинение дека политичката партија СДСМ или нејзини членови ја запалиле пекарата на Мисајловски. Како може партија да биде одговорна за палење на објект? Дури и кога би се утврдило дека сторителот е член на одредена партија (што уште се нема случено), тоа повторно не би значело дека партијата има одговорност, туку самото физичко лице или лица, кој/кои го сторил/е кривичното дело. Криминалните активности на поединци, се индивидуални и независни од партиската припадност.

Текстот е полн со спинувани констатации, има навреди, сериозни обвинувања и предизвикува жестоки препукувања меѓу граѓани кои ја споделуваат оваа информација на социјалните мрежи. Од друга страна СДСМ преку соопштение го осуди настанот и го повика МВР да ги пронајде строителите на казненото дело.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.