×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово е град со голема невработеност и сива економија

    07.06.2015 22:00 | KumanovoNews

    Сања Богатиновска, претседател на Млади Европски Федералисти Куманово (ЏЕФ Македонија)

    Куманово е град со голема невработеност и сива економија

    Што не ви се допаѓа во Куманово?

    Многу работи. Факт е дека се прават напори за модернизирање, развој и подобрување на квалитетот на животот во градот, но сепак, истите се мали и објективно гледано, Куманово не е во чекор со времето. Да започнам со „портата“ на градот – Автобуската станица, уште на самиот „влез“ во градот пред вас стои објект во кој воопшто не е вложено и кој не е модернизиран барем онолку години колку што имам јас. Железничката станица воопшто и не би сакала да ја коментирам, баш затоа што не е станица, туку патниците се симнуваат меѓу шини. Да продолжам со сообраќајот и патната инфраструктура – тотален хаос владее, многу улици меѓу кои и поголемите, се преполни со големи дупки, тротоарите, онаму каде што ги има, се претворени во паркинг места, огромен број на семафори не функционираат воопшто или не функционираат како што треба, низа пешачки премини се „невидливи“ и конечно нивото на сообраќајна некултура е навистина високо, и меѓу возачите, и меѓу пешаците. Да се надоврзам со нивото на економски развој на градот – од еден од водечките и најразвиените во ова поле, Куманово сега се наоѓа на другиот екстрем на развој – еден од најмалку развиените градови. Ова повлекува и низа негативни феномени: висока степен на невработеност поради што работоспособното населени мигрира во главниот град или надвор од границите на Македонија, високо ниво на сиромаштија, голем број на семејства кои живеат од социјална помош и развој на сивата економија. Понатаму, менталитетот и нивото на култура – генерален проблем кој многу тешко и бавно се менува. И конечно, но не и најмалку важно односите меѓу најголем број припадници на двете најголеми етнички заедници во Куманово. Не велам дека постои етничка нетрпеливост и тензија, туку дека најголемиот број од жителите на Куманово живеат во „паралелни светови“. Како што и самите знаете, се движиме во различни делови од градот, излегуваме во различни ноќни клубови, и мал е број на луѓе чии најдобри пријатели се припадници на етничка заедница поинаква од нивната.

    Што би смениле во градот?

    Сѐ она кое го наведов како одговор на претходното прашање и без притоа да ги повторувам истите работи, само ќе додадам што уште би сменила. Имено, на Куманово навистина му недостасуваат „катчиња“ за интелектуално-културни средби и збиднувања, а исто така и модерна библиотека. Потребна е и реставрација на повеќе објекти, вклучувајќи ги тука куќите со староградска архитектура, бањите во Куманово и спортската сала. Би го рестартирала барем едно од кината, затоа што фактот што Куманово како град со најголем број на жители во Македонија нема кино е срамота и зборува повеќе од било што за нивото на културата во градот. Во овој контекст, би ги обновила и хотелите затоа што е незамисливо толкав град да нема достоен хотел во центарот на градот, да не зборувам колку е проблематично кога доаѓаат странски посетители. Понатаму, би се погрижила за недостатокот од паркови, состојбата во која се наоѓаат постоечките, вкучително пешачките патеки, спортските патеки, катчињата наменети за деца, зеленилото во нив и местата наменети за отпад. Куманово би можел да стане атрактивен град за туристи доколку се инвестира во Споменик Костурница, Живкова Карпа, Бислмиската Клисура и многу други. Конечно, би било повеќе од добро доколку постојат и јавни вц-а во градот.

    Каде ќе прошетате гостин кој прв пат доаѓа во Куманово?

    Воопшто не би потрошила време на размислување за тоа каде да прошетам гостин кој прв пат го посетува Куманово – Куманово баш и не нуди некој избор што би ме навел на размислување. Секој гостин би го прошетала низ центарот на градот, а доколку временските услови добро не служат, ќе го прошетам до кејот на реката Кумановка. Каде понатаму ќе го прошетам гостинот, зависи од неговите желби:  доколку сака да вкуси убава храна - во Баба Цана, Етно Село или Визиана; доколку сака да прошета малку повеќе – Стара Бања, Кокино и Пелинце; доколку сака да посети религиски објекти – старата црква во Куманово; црквата Св. Ѓорѓи во с. Старо Нагоричане и Манастирот Св. Троица во с. Скачковце.

    Што не би покажале на пријател кој прв пат го посетува Куманово?

    Многу од работите кои веќе ги напоменав даваат многу „лоша слика“ за градот. Баш затоа што, на пример, не можам да ги избегнам Автобуската станица, лошата патна инфраструктура и сообраќајните знаци, сообраќајниот метеж, воопшто и не би правела напори да „сокријам“ некои делови од градот. Сепак, реалноста не може да се избегне и игнорира, така што не би се чувствувала непријатно на реакциите на мојот пријател, туку само ќе констатирам по неговата забелешка.

    По што Куманово е посебно и се разликува од другите градови?

    Да започнам од она што прво им „паѓа в очи“, секако ако претпоставиме дека посетителите се до Македонија – дијалектот. Специфичниот дијалект е белег по кој надалеку сме познати и „интересни“ за слушање и имитирање. Тука е и прочуената шегобијност и смислата за хумор на жителите на Куманово. Во овој контекст, ќе ги споменам и „Тумба и четири бандере“ – лоцирани во средиштете на чаршијата во старо Куманово, како и Батко Ѓорѓија – синоним за типичен кумановец: боем, мераклија и шегобиец. Куманово е надалеку познат и по кумановскиот мезал’к и домашно припремените баклави. Да ме прашавте пред многу години, ќе речев и кумановски суџук, но ретко, скоро никаде денес не може да се најде препознатливиот кумановски суџук. Кумановци се прочуени и по својата гостопримливост и масовните трпези кои ги припремаат кога некој им оди на гости. Не верувам дека има уште некој белег по кој Куманово се издвојува од другите општини, но, јас сум голем оптимист и искрено верувам дека со текот на времето, Куманово ќе има низа белези по кои ќе биде посебен.