Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Освен што се најдобри другарки актерката Владанка Димковска и режисерката Драгана Гунин, од неодамна се и први соработнички во монодрамата „Прво лице еднина“, која минатата недела беше премиерно изведена во Кумановскиот театар, а вечерва ќе се игра првата реприза.
За да го пренесат своето искуство, но и да го покажат излезот од одредени ситуации кои изгледаат безизлезни, овие две млади девојки се зафатија со една сериозна и тешка тема, во прво лице еднина да ни ја покажат борбата за исполнување на соништата и справување со сопствените демони.
Претставата „Прво лице еднина“, е пред се за женската публика, бидејќи трга од мојата позиција како актерка и ликовите кои ги играм се претежно женски, но праќа силна порака и до мажите. Околу нас има многу жени кои секојдневно се борат и работат по 12 часа дневно. Жртвуваат се за своите семејства, за своите деца, за да обезбедат подобар живот, а никој не зборува за нив. Ова е претстава во која зборуваме токму за тие жени. Ние денеска сме ќерки, а утре ќе бидеме мајки и сакаме да имаме поддршка, бидејќи не знаеме кај ќе не однесе животот. Инспирацијата за мојот текст е од книгата „Добра ноќ за бунтовни девојчиња“, во која се зборува за жени кои направиле многу за сите нас, но останале на маргините на општеството, - раскажува младата актерка Владанка.
Зборуваме за жени од сите социјални статуси. Има толку многу примери и животни приказни, кои никој не ги знае, а не се помалку инспиративни од останатите. Во претставата можат да се пронајдат и мажите, бидејќи сите сме луѓе и сите зборуваме за исполнување на соништата, за раскажувањето на сопствената приказна, затоа што на сите ни треба поддршка. Нашата приказна треба да биде чуена од сите. Во суштина естетиката и наративот на претставата е за сите луѓе, меѓутоа приказната е раскажана преку жените на малку посензитивен и емпатичен начин,- додава режисерката Драгана.
Двете млади девојки кои се на прагот на животот, зрачат со невидена енергија и ентузијазам, размислуваат зрело и праќаат многу силна порака, дека во животот ништо не е недостижно доколку се има вистинска поддршка од партнерот и семејството.
Праќаме јасна порака до мажите дека секогаш треба да ги поддржуваат жените, со кои се решени да бидат. Да им даваат крилја, да не им ги сечат. Мислам дека мажот и жената како пар, можат да функционираат само доколку се надополнуваат еден со друг. Многу е битно мажот да ја раскрили жената, да и овозможи да го прави тоа што го сака. Тоа е мојата порака. Не е битно дали сме актерки, новинарки, правнички, судијки, работнички, не е битна професијата, не е битно што работи жената ако има поддршка од дома, ако има потпора може да направи се. Тогаш мажот станува најзначаен фактор во нејзиниот живот. Тие заедно го создаваат светот. Ние жените сакаме да сме силни ама сакаме тоа да ни го потврдат, - вели Владанка.
Претставата е многу важна и за младите девојчиња. Затоа што растат во средина со искривени вредности и најчесто не можат да се пронајдат себеси во се што им се сервира секојдневно. Мислам дека доста талкаат и треба да им се каже покаже вистинскиот пат за да успеат. Работев со деца и знам со што се соочуваат. Навидум изгледа дека поминуваат низ супер период затоа што се тинејџерки и се им е кул, но никој не ја знае мрачната страна и растењето во 21 век, - надополнува Драгана.
Играњето монодрама, Владанка го смета како скокање од карпа, бидејќи актерот е сам на сцената и нема на кого да се потпре. Вели дека тоа е голем чекор за неа, но морала да се соочи со предивикот бидејќи било посилно од неа.
Имаше опција да го направам или не. Одбрав да работам. Остануваат зборовите на режисерот, кој е многу битен во процесот. Тоа е единствениот човек што те гледа и што ти дава насока и се труди ти да изгледаш најдобро што можеш. За мене Драгана беше тој човек и таа се потруди да извадам максимумот од себе. Реално е тешко, се плашев, но да ви кажам сега веќе не се плашам, - се смее актерката.
Двете другарки одлично се разбираат и надополнуваат како режисер и актер. Резултатот од нивната посветност е успехот на претставата и позитивните критики од публиката.
Со Драгана се знаеме многу одамна. Од малечки сме другарки. Тогаш не знаевме дека таа ќе стане режисер а ја актер. Кога со некој се знаеш толку добро и можеш да зборуваш за се, кога без срам можеш да се отвориш и да ги кажеш твоите проблеми, тогаш се случуваат убавите нешта, бидејќи театарот на еден начин е лекување. Преку ваков тип на проекти, ние актерите и режисерите создаваме еден нов свет и го пуштаме тоа што не мачи да го види публиката. Да зборуваме гласно. Драгана беше многу подготвена за ваков тип на работа и немаше потреба ни многу да зборувам. Заедно го создававме проектот и ова е наша претстава, затоа што зборува за нашата уметност, впрочем зборува како ние да се избориме понатаму, - вели Владанка.
Успехот на професионален план, двете девојки го гледаат исклучиво низ призмата на вистинскиот избор на професијата, независно дали си тука или во странство. Тврдат дека предизвиците секаде се исти, но се зависи како човек ќе да се справи со нив.
Јас не можам да работам друга работа освен оваа. Како и да звучи јас се фатив себе си дека ништо друго не ме исполнува. А кога не ме исполнува јас сум несреќна. Секогаш треба да се бориме за тоа што сонуваме. Ништо нема да дојде лесно. Не само тука, во било која држава да сме. И во Америка каде што мислиме дека соништата се исполнуваат преку ноќ не е така. Преку овој проект сфатив дека само со упорна работа, борбеност и фокусираност и чиста мисла може да се стигне до целта. Мојот професор Златко Славенски, често знаше да ни каже на часовите дека треба да сонуваме. Нема да престанам да се борам колку и да е тежок патот, а тешко е, - вели Владанка.
Драгана се надоврзува дека сите чекориме по патот којшто сами сме го избрале, без разлика дали е тука или надвор.
Сум живеела и надвор, не мислам дека е полесно, затоа што таму има други предизвици, други препреки кои треба да се надминат, за да се оствариш како човек. Мислам дека треба да се работи тоа што се сака, бидејќи тогаш сите тешкотии стануваат полесни, зато што има љубов. Кога нема љубов, страст и поврзување, емпатија, тогаш луѓето паѓаат, - отсечна е режисерката.
Двете дами планираат претставата да ја прошетаат низ државата, а потоа да се претстават и пред публиката во регионот. Нивната претстава тематски е продолжение на приказната на Тамара и песната „Горда“, па се надеваат дека и тие ќе постигнат голем успех, а пораката ќе стигне таму каде што е упатена.
Се испадна случајно. Ние го почнавме проектот пред песната да излезе, и се случи големиот успех на Евровизија. Нашата претстава е драмска верзија на „Горда“, - велат прекрасните девојки.