×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • „Водовод„ ќе биде успешна приказна

    31.03.2014 22:00 | KumanovoNews

    Интервју со директорот на ЈП „Водовод„ Горан Стојковски

    Најважно ми е да успееме поради вработените кои живеат само од платата во ЈП „Водовод„. Тоа се луѓе кои немаат алтернатива и го носат најголемиот товар во претпријатието, оние што секој ден се во вода и кал до колена.

    Откривме фрапантни податоци кои покажуваат дека се украдени 200 000 кубика вода или 150 000 евра преку диви приклучоци. Пострашно е што постојат паралелни водоводни мрежи на кои се приклучени од 50 до 100 домаќинства.

    „Водовод„ ќе биде успешна приказна

    Господине Стојковски веќе шест месеци сте во претпријатието. Како ви се чини, ги поставивте ли работите на свое место и ќе успеете ли да ги решите напластените проблеми?

    Периодот е прекраток за да можам да кажам дека имам конкретна слика до каде сме. Основното што го барав, ред, работа и дисциплина, веќе дава резултати. Во делот на наплата, на заостанатите долгови и зголемување на наплата на тековни сметки за последните три месеци од минатата година имаме зголемување за 7.2 милиони денари. Сите трошоци за донации, спонзорства и надворешни услуги се намалени за уште 7.5 милиони денари. Тие сретства ги искористивме за враќање на затекнатите долгови. Се обидуваме и со Водостопанство „Кумановско-липковско поле„ да најдеме решение за проблемите и морам да потенцирам дека имаме големо разбирање од нивното раководството. Во однос на проблемите во работата на Филтер станицата и пречистителната станица за отпадни води, ќе ни треба институциоална помош.

    Еден од поголемите проблеми со кои се соочувате е превработеност во администрацијата.Како ќе ги натерате партиските луѓе кои научиле само да доаѓаат на работа сега да си ја заработат платата?

     За жал јавните претпријатија и институции, не само во Куманово, туку во цела Македонија, станаа еден вид на Биро за вработување. Со внатрешно преструктуирање, кое сме подготвени да го направиме ќе имаме потреба од нови вработувања за одржување на мрежата и за оперативните работи. А за делот од администрацијата ќе бараме начин да им се најде работа. Сепак се работи за стручни луѓе кои не се вработени на лотарија. Во изминатите месеци и дел од администрацијата беше на терен. Носеа опомени, покани и беа вклучени во екипите што одеа да ги читаат водомерите.

    Имате ли подршка од вработените за овие промени?

    Од првиот ден имав состаноци со вработените и им соопштив какви ми се плановите. Воведов работна сабота за мене и секој вработен што сака да се сретне со мене може тоа го стори надвор од работното време. Ги прифаќам сите сугестии, предлози и поплаки кои се во интерес на претпријатието. Јас се обидувам да ги натерам вработените да го чувствуваат претпријатието како свое. Јас сум овде само прв меѓу еднаквите иако функцијата ми е партиска. Во СДСМ основните начела и принципи се еднаквост и правичност.Јас тоа сакам да го пренесам и тука. Подршката од вработените ми годи и многу ми е потребна во овој момент за да успееме. Мене ми е најважно што и кај нив гледам желба за промени. Посебно ми е важно да успееме заради луѓето кои живеат само од оваа плата. Тие кои немаат алтернатива. Тоа се луѓето кои го носат најголемиот товар во претпријатието. Они што работат во каналите. Тие први ќе добијат зголемување на платите, бидејќи секој ден се во вода и кал до колена. Кој сака да работи ќе обезбедиме плата и ќе успееме по извесно време да застанеме на здрави нозе.

    Како планирате да го изведете тоа со оглед дека претпријатието е во големи долгови?

    За санација на претпријатието имаме две сценарија. Првото е ако се смени власта, тогаш многу побрзо ќе излеземе од оваа состојба. Сето тоа ќе биде врз основа на владеење на правото, а не на некој друг начин. Вториот сегмент е преку помош од Општината и Советот, но и наши напори за намалување на трошоците и зголемување на наплатата.Јас сметам дека без оглед на партиската припадност веќе во неколку наврати сите советници покажаа дека се локал-патриоти, и дека интересот на граѓаните на Куманово им е најважен. Затоа планирам сите проблеми и начини за нивно надминување да ги изнесам пред советниците и со нивна помош да влеземе во битка за што поскоро решавање.

    Една од првите работи со кои се зафативте кога дојдовте на функцијата беше евиденција на водомерите за да се утврди колку се краде вода. Што покажаа резултатите на терен?

    Нашата акција имаше за цел да утврди колку вкупно домаќинства ја трошат нашата вода, колку има правни субјекти и колку диви приклучоци. Акцијата е речиси завршена и дојдовме до фрапантни податоци. Разликата од она што ние го имаме во евиденција и она што е утврдено на лице место е 200 000 кубика вода. Тое се околу 150 000 евра на наша штета. Откриени се голем број на диви приклучоци, а што е уште пострашно постојат диви мрежи на неколку реони во градот, како што се Стари лозја, делот околу стадионот Башкими, на патот кон селото Романовце зад Лукоил, во селото Черкезе и населбата Гладно поље. На една нелегална мрежа се приклучени од 50 до 100 домаќинства кои не ја плаќаат водата. Се зафативме со решавање на проблемот и на почеток наидовме на отпор. Но по разговор со граѓаните ги евидентиравме дивите приклучоци и работиме на легализација на мрежата. Граѓаните почнаа да ги плаќаат сметките и додјдовме до нови потрошувачи. Внатрешните проблеми што ги утврдивме со несовесното читање ги елиминиравме со фотографирањето на водомерите. Отстранета е можноста за враќање на водомерите и нивна злоупотреба. Ако некаде се појави такво нешто тогаш сме некомпромисни и веднаш ќе поведеме судска постапка.

    За да ја подобрите финасиската состојба аплицирате за проекти и грантови.

    Веќе добивме грант од 36 000 евра од Дунавскиот регион за води, кој ќе биде искористен за утврдување на загубите на вода. Истовремено аплициравме за грант од 1,5 милиони евра, кој предвидува замена на 10 000 електорнски водомери и репарирање на дел од водоводната мрежа во високата зона. Јас очекувам дека наредниот месец ќе добиеме позитивен одговор за проектот, со кој ќе се реши проблемот со загубите на вода. Ние аплицираме секаде каде има простор да дојдеме до финасиски сретства. Знаеме каква е финансиската состојба на Општина Куманово, така да мора да бараме други ресурси и алтернативи. Во изминатите 6 месеци веќе имавме посета од неколку претставника од Швајцарската и Австриската амбасада, кои ја скенираа нашата работа, добивме пофалби за начинот на работа и уверување дека ќе се обидат финансиски да ни помогнат.

    Освен граѓаните ви должат и фирмите. Кои се најголемите должници?

    Најголем должник ни е Општата болница Куманово со преку 3 милиони денари. Бидејќи се работи за здравствена установа не можеме да ја исклучиме водата, па затоа се обидуваме да најдеме начин да се реши проблемот. Веќе сме во преговори со раководството да потпишеме договор за плаќање на рати. Ако не се договориме ќе размислуваме за поригорозни мерки. Останатите правни субјекти релативно редовно ги плаќаат сметките. Ние имаме проблем со пропаднатите фабрики кои се ликвидирани или во стечај. Тутунскиот комбинат, ЧИК, Киро Фетак, КЕН, ДИЕР, Биброк, Искра, нивниот долг е над 100 милиони денари.

    Колку должи Водовод?

    За жал ЈП „Водовод„ се вклопува во тешката состојба во која се наоѓа стопанството во Македонија. Должни сме на доверители, институции, установи...Како пример ќе посочам дека само на „Кумановско-липковско поле„, Водостопанство во ликвидација и на ЕВН должиме 130 милиони денари. На други деловни партнери, правни и физички лица уште толку. Се обидуваме преку договори на рати да ги плаќаме овие долгови.

    Оваа година липковските акумулации се речиси празни и на градот му се заканува водна криза. Што ќе направите да ги ублажите последиците?

    Ова лето ќе мора да преземеме дополнителни мерки за рестрикција на водата. Ние имаме алтернативни извори во населбите Проевце и Бедиње, кои не се доволни да ги задоволат потребите на граѓаните во зенитот на потрошувачката. Веќе се размислува како да бидат правилно распоредени количинита на вода во сите делови на градот. Ќе ја следиме хидро-метеоролошката состојба и да се надеваме на дожлива пролет која ќе го ублажи проблемот кој не очекува. Веќе имаме некои планови и разговаравме со градоначалникот да го скенираме теренот и да направиме физибилити студија за нови алтернативни извори. Но имајќи ја во предвид финасиската состојба на Општината, ова наша идеја ќе мора да почека. Затоа упатувам апел до граѓаните за економично трошење и редовно плаќање на сметките за вода.

    Какви се плановите за понатаму?

    Основните принципи до кои ќе се држиме во нашето работење е безрезервно, безкомпромисно почитување на законите и транспарентно работење. По резултатите кои ги покажавме во првите три месеци со зголемена наплата и намалените трошоци, имаме надеж дека работите на ЈП „Водовод„ можат да бидат подобри, но неопходна ни е и институционална помош. Општината Куманово ни помага колку што може и го превзема МЕАП кредитит во износ од 36 милиони денари. Кога се зборува за „Водовод„ имам впечаток дека секогаш се врзува за некоја лоша вест. Јас сакам да им кажам на граѓаните дека во „Водовод„ работата стручни, способни и домаќини луѓе, кои со минимални сретства, успеваат да не го стават под знак прашалник водоснабдувањето на градот. Ние освен проблемите со високата зона поради намален притисок, другите услуги кон граѓаните ги извршуваме беспрекорно. Затоа сакам да ја смениме лошата слика која досега неправедно го следеше ова претпријатие и да докажеме дека потрошувачот ни е на прво место и пред се. Планираме да отвориме инфо кол-центар, каде што секој граѓанин ќе може да пријави проблем, да плати сметка и да направи договор за заостанат долг, да пријави и одјави приклучок, целата услуга да биде едно шалтерска. Системот на штедење ќе биде уште поригорозен, исто како и администаративните казни во претпријатието за сите кои не си ја вршат работата совесно и професионално. Веќе, за жал, имаме казнети работници.

    Директоре дојдовте од успешна компанија, каде веројатно не сте се соочувале со ваков вид на проблеми. Знаевте ли што ве очекува во Водовод?

    Фирмата ОНЕ од каде што дојдов е една успешна приказна, и единствена вистинска гринфилд инвестиција во Македонија. Во ОНЕ има вработено преку 600 луѓе, кои се научија да работат под притисок. Во приватните компании секогаш сте под притисок. Нон-стоп има таргет групи и нови пазари кои морате да ги освоите. Системот по кој работев во ОНЕ се обидувам да го пресликам во „Водовод„. Јас можев да останам во фирмата во која работев, да ги имам сите бенифициите и поголема плата, но предизвикот да се направи нешто за својот град, да се остави траг и да се биде дел од една успешна екипа предводена од градоначалникот  беше преголем и го прифатив.

    На работа одите со велосипед. Зошто не го користите службениот автомобил?

    Службеното возило на ЈП „Водовод„ се користи секојднево за потребите на вработените.Во моментот кога немаме возило за да се интервенира на некој дефект се оди со службеното возило. За мене лично е непотребно директорот да поседува службено возило за да отиде до општината или до која било институција во градот, кои се на 5 минути од канцеларијата. Повеќе време и гориво ќе се потроши додека да се тргне со автомобилот, отколку да се отиде пешки. Ако може најбогатиот човек на Њујорк, кој е воедно и градоначалник на градот, да оди со метро на работа, не гледам зошто не можам јас да го сторам истото. Во Холандија цела влада доаѓа со велосипед на работа. Треба и кај нас да се менуваат навиките.

    Ќе биде ли ЈП „Водовод„ наскоро успешна приказна?

    Јас се надевам дека ќе биде, но премногу е рано да го употребам зборот наскоро.