×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • 8-ми Септември

    Бранко Арсовски

    8 - ми Септември е една од најзначајните дати во македонската историја и не случајно се споредува со Илинден 2 - ри август 1903 година и АСНОМ 1944 година. Ваквото историско значење го доби од две основни и најважни причини.

    Прво што 8 - ми септември го обезбеди континуитетот во создавање на македонската државност и второ што на оваа дата граѓаните на Р.Македонија по пат на референдум на еден демократски начин се изјаснија за самостојна, суверена и независна држава.

    Но не треба да го запоставиме и значењето и се разбира големиот придонес на пратениците од првиот повеќепартиски (плурален) парламент и Владата на господинот Никола Кљусев и првиот претседател г - дин Киро Глигоров.

    Во тој сериозен и многу значаен период парламентот едногласно без разлика на партиска припадност ја донесоа Декларацијата за независност на Македонија како самостојна со сите атрибути на една држава. Тоа е еден период кога се донесе и Уставот на Р.Македонија како најважен правен акт во чија содржина беше утврден политичкиот, економскиот и социјалниот систем при што се измени и титуларот на сопственоста. Во тој контекст пазарната економија го завзема местото на договорната и централизирана при што пазарот е основен критериум во стопанисувањето. Целокупната општествена и државна сопственост помина во приватна сопственост.

    По донесување на Уставот неизбежно дури и императивно се донесоа многу закони од економска, политичка и социјална сфера.

    Во контекст на овој дел би ги издвоил неколку така позначајни закони, а пред се Законот за приватизација, Законот за одбрана, Законот за работни односи, Законот за здравствена заштита, Законот за ПИО, Законот за образование и други кои ја регулираат определена дејност. Уставот и многуте закони се носеа во многу сериозно време бидејќи во тој период дојде до распаѓање на претходната федеративна Р.Југославија кога и започна крвава војна во Словенија, Хрватска и БИХ.

    Посебно што државите кои граничат со Р.Македонија не беа подготвени да ја прифатат состојбата дека Р.Македонија е независна, самостојна држава со определена, но утврдена територија со сите елементи на држава. Се појави спорот со името на државата, јазикот, знамето, па дури и територијата. И покрај сите искушенија сепак Македонија како држава со име утврдено со Уставот ја признаа над 130 држави од светот меѓу кои и оние најмоќните, највлијателните САД, Русија, Кина, Германија и многу други.

    Искрено, јас како учесник пратеник во креирањето на македонската држава, а пред се донесување на Уставот и други значајни правни и политички акти во првиот парламент 1990 - 1994 година бев неизмерно горд и задоволен што успеавме да ја создадеме Македонија како независна, самостојна и плурална држава, бидејќи тоа беше голем сон на македонскиот народ во Македонија и надвор од неа. Очекував дека граѓанскиот концепт ќе дојде до израз со изразена слобода, социјална правда и еднаквост во придобивките но и одговорностите кон сите субјекти во општеството. Тоа значи, ќе се почитуваат индивидуалните права на граѓаните загарантирани со Уставот на Р.Македонија. Се надевав на правична приватизација на општествениот и државен капитал, посебно на стопанските субјекти. Се надевав на поголема социјална и економска сигурност на секој граѓанин без разлика на неговиот социјален статус, партиска, верска или религиозна определба итн.

    Но, и покрај задоволството што создадовме своја држава со сите елементи на државност во континуитет се направија сериозни грешки во владеењето со државата.

    Се донесе Закон за приватизација, а при неговото спроведување за жал останаа голем број на вработени без работа и го добија непопуларниот статус на стечаен работник или технолошки вишок.

    Се направи голем пропуст што се дозволи најголемиот дел од стопанските субјекти да се обезвреднат, а еден дел на граѓани на многу брз и доста сомнителен начин да се прогласат како газди на истите без да вложат лични средства. На тој начин се изврши целосна злоупотреба на институциите на системот.

    Практично се создаде мала богата елита и поголема армија на луѓе сиромашни и невработени. Ваквата состојба за жал трае долго време па дури и денеска од причини што државната администрација целосно се партизира, се нарушија основните социјални права на граѓаните, граѓанинот остана збунет и декор за изборна кампања, со еден збор се доведе во крајни граници економската и социјалната сигурност на граѓаните. И не случајно еден голем дел од населението ја напушти државата, еден дел прифаќа и бара државјанство на друга држава, елитната посебно стручна и образована структура бара работа во Европа и надвор од неа и не случајно имаме голем пад на вкупниот број на населението се разбира и на природниот прираст.

    Како резултат на ваквото демографско движење се промени старосната, етничката, верската структура на населението во Р.Македонија по сите основи што претставува еден посериозен проблем за економскиот и социјален развој на државата и општеството во целина.

    Во таа смисла мораат постоечките и наредните власти да ги надминат субјективните слабости и да ги вратат основните вредности на општеството. Ако тоа не се случи, не очекуваат тешки и неизвесни времиња кои за жал ќе ја погодат државата и граѓаните кои живеат во неа.

    Бранко Арсовски м-р Бранко Арсовски, поранешен пратеник

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*